Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Телеграма со сочувство (01.03.2021 15:14)

До канцеларијата на

Градоначалникот на градот Загреб

Трг Стјепан Радиќ бр. 1

Загреб – Хрватска

 

 

 

 

Неизмерно нè натажи веста за ненадејното упокојување на господинот Милан Бандиќ, градоначалникот на градот Загреб. По тој повод, од името на Македонската Православна Црква и од свое име, изразуваме длабоко сочувство до семејството на починатиот и до граѓаните на Загреб и на Хрватска.  

Големината на луѓето се мери по делата што остануваат по нив, а господинот Бандиќ остави трајни дела коишто долго ќе сведочат за него, и како за човек и како за прв граѓанин на хрватската престолнина.          

Ние во Македонската Православна Црква, а особено Македонците во Загреб и во Хрватска, во личноста на почитуваниот градоначалник, имавме вистински пријател и искрен поддржувач на македонското дело. Тоа многукратно беше потврдено, како преку неговото залагање при определувањето и доделувањето на локацијата за иден македонски храм, така и преку неговото постојано ангажирање при изградбата на храмот.

Неговото човекољубие се покажуваше кон секого, без разлика на националната или било која друга припадност. Такви можат да бидат само луѓе исполнети со евангелска љубов и со христијански принципи.

За неговиот однос кон македонската заедница и кон Македонската црква во Загреб, господинот Милан Бандиќ, од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, беше одликуван со Светиклиментов орден од Прв ред.

Дваесетте години раководење со градот Загреб ја потврдуваа неговата љубов и припaдност кон градот, како и љубовта и поддршката на загрепчаните кон него!

Се молиме милостивиот Бог душата на покојниот градоначалник Бандиќ да ја насели меѓу праведниците.

Нека му е вечен споменот! Амин!

                              

                                                                АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

г.г. Стефан