Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Страдалната седмица во Бигорски (30.04.2005)

 

„Луѓето поклонувајќи се, и со учениците радувајќи се, со гранчиња Му повикуваа: ’Осана на Синот Давидов – Ти највоспеан Господи, Боже на отците, благословен Си.“

 

 

 

 

Кога радоста на Цветната недела брзо се претвори во тага над страдалните настани од безграничното снисходење на Спaсителот наш Исус Христос за родот човечки, отците во манастирот на Свети Јован Крстител прибегнаа кон плачните богослужења што ја исполнуваат Страдалната седмица, треперејќи заедно со сите верни на Црквата низ вековите и нуркајќи по молчаливите длабочини на манастирот, кои непрестајно ги воспеваат страдањата на Господ. Во ова непрестајно им се придружуваа монахињите од сестринството на Свети Георгиј во Рајчица.

 

 

 

 

 

 

 

 

 На дрво гледајќи Те како висиш, Христе...

 

Уште во предвечерието на Великиот Понеделник во Бигорски ја изнесоа иконата на Христос Младоженецот што Го изобразува Господ со трнов венец, со врзани раце кај што држи трска, па Му пееја тагувајќи: „Твојата свадбена одаја ја гледам украсена, Спасителу мој, а облека немам да влезам во неа. Осветли ги одеждите на душата моја, Светлодавецу, и спаси ме...“

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Како мудри боготрагалци по ова преку евангелските параболи се потсетуваа за исушената смоква, за мудрите и безумните девојки и за умножувањето на талантите, духовните дарови: дека нашите души треба постојано да ги украсуваме со добродетели, милосрдие, постојана будност и молитва. Зашто: Ете  Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е оној слуга кого ќе го најде буден, а недостоен пак оној што ќе го најде безгрижен 

 

 

 

 

 

 

 

„Сиот мој живот, душо, е сличен на дрво, на поле, на дом, затоа подготви го срцето твое за Бога, и не препуштај ништо на рападливоста на телото.“

„Мирото што е во мене е пропадливо, но она што Си Ти – живот ни дава, зашто такво е Твоето име, Христе, Божественото помазание што се излева врз достојните. Олесни ме и прости ми!“

Со смирено знаење за претстојната радост, монасите укрепувајќи се глаголаа: „Но Христос повторно на Велики Четврток нè поканува на Својата Тајна Вечера, за којашто ни оставил завет да се врши постојано во Негов спомен како Божествена Литургија.“ Веднаш по Литургијата на Велики Четврток според најдобриот обичај во манастирот свештеномонасите го осветуваа елејот за помазување на болни за целата година.

 

 

„Упатувајќи ги во тајните Твоите ученици, Господи, Ти ги учеше, говорејќи: ’Пријатели Мои, никаков страв да не ве раздели од Мене. Оти ако страдам, тоа е за светот. Вие не соблазнувајте се од Мене, бидејќи не дојдов да Ми служат, туку да послужам, и душата за избавувањето на светот да Си ја положам. Ако сте Ми пријатели, подражавајте Ме.“

 

 

 

             

 

 

Литијата на Велики Четврток го изнесе крстот Христов од манастирот и кога се врати го постави пред Царските двери за да ги прими метаниите на верните осенети од тивката благодат на дванаесетте Евангелија на Христовите страдања и волни да се сопогребаат со Неговото неискажливо погребение.

 

 

 

За богослужењата на денот на смртта Господова игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, секојпат подготвува цветен епитаф изготвен од над две илјади каранфили. Над него, како над Христов гроб истата вечер на Велики Петок сиот народ заедно со Мајката Божја, со светите мироносици и со Христовите апостоли, низ прекрасни тажни стихови собрани во три статии, ја оплакува смртта на својот Создател и Спасител:

„Денес, гледајќи Те на крстот распнат, Логосу, непорочната Дева, со мајчинска нежност тажејќи, од дното на душата трепереше, во болката своја повикувајќи: ’Тешко мене, Божествено чедо! Тешко мене, Светлино на светот! Зошто ги напушташ очите мои, Јагне Божјо?’ Затоа и бесплотните воинства од страв обземени говореа: недостижен, Господи, слава Ти!“

 

 

 

 

 

Саботната служба во утринските часови е посебно доживување во манастирот. Тогаш отците, подобно на Ерусалимскиот храм, ги запечатуваат дверите на олтарот при што Литургијата се врши на епитафот кој служи како престол. Ова е голема привилегија за верниците, зашто на тој  начин им се дава можност да ѕирнат во тајната на осветувањето на Даровите, која тогаш се одвива пред нивните очи.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

„Ти си нè искупил од клетвата законска, со Твојата чесна крв, на крстот прикован и со копје прободен, извор на бесмртност Си им станал на луѓето, Спасителу, слава Ти!“