Vesti i nastani
 
 
 
 
 

INTERVIEW со о. Климент, новоизбраниот викарен Епископ Хераклејски (02.05.2005)

 

            

Избрани сте за нови владици во Македонската Православна Црква. Кои се правилата што треба да се исполнат за да се добие такво звање и на која возраст треба да е свештеното лице?

 

Уставот на Македонската Православна Црква ги предвидел условите што треба да се исполнат за да се изврши избор на Епископ. Како формални услови таксативно наброени во највисокиот законодавен акт на Македонската Православна Црква се наведуваат: возраста, којашто треба да биде над 30 години, високото богословско образование, кандидатот да е државјанин на Република Македонија и во текот на својот монашки живот да се одликува со морален живот. Во надлежност на Светиот Синод на Македонската Православна Црква е да води каталог на кандидати што ги исполнуваат овие услови и во време благоугодно на Светиот Архиерејски Синод и на Светиот Дух да изврши избор на Епископ од предложените кандидати. 

 

Колкаво е вашето монашко искуство?

 

Во мојата дваесет и прва година ги прекинав студиите по книжевност и теологија и заминав на Света Гора, која ја доживеав како пустински универзитет. Сега, кога сум избран за Епископ, имам 33 години и 12 години монашко искуство. Од нив две години поминати на Атос и десет години во манастирите во Македонија. Монашкиот амбиент е простор во којшто растам и зреам и како игумен се грижам за другите монаси. Духовен отец сум на три монашки заедници во Пелагонија, на дванаесетте монаси и монахињи во манастирите Зрзе, Варош и Трескавец.

 

Веќе неколку месеци во јавноста се актуелни случувањата на релација Македонска наспроти Српска Православна Црква. Кое е вашето мислење за случувањата на тоа поле и што навистина се случува?

 

За жал, постојат недоразбирања во релациите меѓу двете сестрински Православни Цркви. Проблематичните пунктови околу кои не можеме меѓусебно да се разбереме се уставното име на нашата Црква и статусот на Македонската Православна Црква во семејството на помесните Православни Цркви. Српскиот патријарх Павле во Москва изјави дека името на нашата Црква е проблематично за нашите јужни соседи, а пак автокефалниот статус на Македонската Православна Црква неприфатлив за Српската Православна Црква. Ако се обидеме со илустративен јазик да ја опишеме состојбата во којашто се наоѓа Македонската Православна Црква, тогаш ќе регистрираме удари од чеканот на Српската Православна Црква и повратен удар од наковалната на Грчката Православна Црква. Та кога прашувате што навистина се случува, по наше најдлабоко убедување Ви велиме дека се случуваат удари од нашите браќа по вера. Сите што сме го доживеале на свој грб, знаеме дека од најблискиот ударот боли најмногу. Образот на Удираниот, Исмеаниот, Распнатиот и Воскреснатиот Христос, за нас овде во Македонија е единствената утеха и надеж.

 

Што мислите Вие, ќе има ли отстапување од автокефалниот статус на Македонската Православна Црква и од нејзиното уставно име?

 

Не мислам дека по овие круцијални прашања ќе има отстапување од досегашниот официјален став на Светиот Синод на Македонската Православна Црква, којшто неколку пати досега имавте можност да го чуете од страна на нашиот портпарол.

 

Во последно време некако се добива впечаток дека политиката е поприсутна во Црквата отколку што во неа ги има вистинските верници? За што луѓето да се молат во црква: за здравје, среќа, бериќет или, пак, за успешна политика?

 

Ваша е констатацијата за поголемата присутност на политиката отколку на верниците во Црквата. Можеби некое Ваше лично искуство Ве навело на ова, но таквиот став е дискутабилен. Вратите на нашите цркви и манастири се отворени, а нашите сводови доволно широки за сите што ја исповедаме верата во Троичниот Бог за да нѐ соберат околу нашиот Епископ. Прашање е дали е така и во нашите срца. Апостолот Павле зборува за теснотијата во нив кога немаме љубов за другиот и кога не успеваме да бидеме конституент на Црквата, т.е. на самиот Христос. Па затоа, кога Му се молиме на Бога, а не сме измирени со нашите ближни, треба прво да се измириме со нив, па дури потоа да се молиме. Ова е елементарната подготовка за молитва која многу често ја забораваме.

 

Имате ли некакви сознанија базирани на анкета колку верниците веруваат во Црквата? Дали редовно доаѓаат во Божјите храмови или тоа е само на најголемите христијански празници?

 

Не ми е познато дали се правени анкети од таков тип. Очигледно е дека секоја година расте желбата на народот, пред сѐ на младината, да се запознае со Православното Предание - за постот, молитвата, за литургијата. Токму оваа литургиска свест на личноста е пресудна за нејзиното воцрковување. Иако овој процес кај секого е различен, или подобро речено личен, сепак се изразува во заедница, затоа што нашата вера не е апстрактна и имагинарна, туку реална и конкретна. Литургиската или евхаристиската заедница ја почитува личноста или поточно кажано ѝ помага да стане личност. Нејзини составни елементи се љубовта и слободата. Токму преку овие принципи секој зазема свој личен став колку и кога ќе доаѓа во Црква.

 

Исламската, па и католичката црква, редовно стојат зад верниците и нивните барања за овозможување на подобар живот. Застанува ли Македонската Православна Црква, како дел од народот зад синдикалците, невработените и сиромашните?

 

 Едностраното институционално поимање на Црквата во општеството нѐ попречува да ја согледаме свештенотаинствената димензија на Црквата како народ Божји собран околу својот Епископ. Македонската Православна Црква е духовна мајка која своите духовни чеда ги гледа како личности, а не како сталежи и статуси од социјален, економски, политички или биолошки карактер. Нејзината мисија во историјата не е да зазема страни, туку да го сведочи Христовото Евангелие. За разлика од политичката и социјалната слобода што се здобива или стекнува, онтолошката слобода ’да се биде личност’ е дар на човекот од Бога и се усвојува во Црквата. 

 

Можеби верниците не веруваат во Црквата и затоа што за секое нивно барање за услуга од свештениците се наплаќа голема сума на пари, што во време на голем број невработени не може секој од нив да си дозволи крштевање или венчавање. Зошто сето тоа не се прави без надомест за да се излезе во пресрет на оние на кои навистина им треба враќање на вербата во Бога?

 

Вака сроченото прашање од Ваша страна сигурно е резултат од некои Ваши сондирани мислења кои Ве навеле на изречената констатација. Но дуалистичката форма на израз дека верниците не веруваат во Црквата во случајов е апсурдна. Верниците се ’Црква’ затоа што да се биде Црква значи да се биде Тело Христово, а сите одделно членови. И затоа не може раката да го вади окото и петата да го замени умот. Вашите сугестии во однос на реформата за надомест треба да се земат за добронамерни, особено што ги ставате во контекст на враќање на вербата во Бога. Но останува и древната вистина дека оној кој работи за олтарот треба да се храни од олтарот.

 

Дејстувате како монах во манастир, односно сега сте Епископ. Што мислите за монаштвото кај нас, затоа што во последно време е сѐ поактуелно?

 

Монаштвото секогаш било актуелно, и во секоја историска епоха било авангарда. Во деветтиот век, кога требало да се преведат свештените книги, светите монаси Кирил и Методиј создале азбука и образец како да се преведува. Нивните ученици светите Климент и Наум, го продолжиле просветителското и свештеното дело на своите учители. Два века подоцна во планините на северна Македонија наученото од преведените книги и од теоријата го спровеле во пракса светите монаси Прохор, Гаврил, Јоаким и Јован. Во Македонија повеќето од преродбениците беа монаси кои пишуваа и печатеа духовни и поучни книги за народот, како Кирил, Јоаким, Теодосиј, Партениј.

Денес монахот во современото македонско општество има не помалку важна улога од овие спомнати светли ликови. Христоцентричен и богозаљубен, актуелниот монах во Македонија низ својот личен живот треба да го актуелизира и сведочи ’Царството што не е од овој свет’. Иако пребива во светот, погледнат со очите на другиот тој треба да биде доживеан како да не е од овој свет. Ако во ова секуларизирано општество ја посведочи оваа антиномија, тој ќе успее да ја реализира својата мисија денес.  

 

И за крај, која е Вашата порака до православните христијани? За што Вие ќе се молите на денот на Христовото воскресение?

 

Воскресението е порака на слободата, бидејќи смртта е корен на нашето ропство. Во воскресната песна пееме „со смртта смртта ја победи” и за нас православните христијани ова не е поезија, туку вистина. Сета наша служба, сета наша теологија е фокусирана на оваа победа над смртта што ја извојува Распнатиот и Воскреснатиот Христос. Ако бидеме внимателни додека Му се молиме, ќе почувствуваме дека нѐ повикува оваа победа над смртта да ја споделиме со Него. Со личниот опит на нашата лична бесмртност сѐ е полесно, па дури и нашата лична биолошка смрт. Само со светлината на велигденското утро таа за нас ќе биде ’минливост’: ’пасха’ или ’премин’ во вистинската смисла на зборот. 

Христос воскресна!  Навистина воскресна!

 


       

- Биографија -

 

Архимандритот Климент, новоизбраниот епископ Хераклејски, викар Преспанско-пелагониски, е роден на 20.02.1972 г. во Скопје, со крстено име Горан Божиновски.

По завршувањето на средното економско училиште се запишува на студии по книжевност на скопскиот универзитет, и како вонреден студент на Теолошкиот факултет на кој и дипломира. На Света Гора заминува во 1993 год. во Григоријатскиот манастир, каде што е замонашен со име Климент. Две години подоцна, со благослов на митрополитот Петар се враќа во Македонија, вклучувајќи се во процесот на возобновување на монаштвото во македонските манастири. Свештеноѓакон станува во Романија во 1995 г., во резиденцијалниот манастир на романскиот  епископ Калиник, докажан пријател на Македонската Православна Црква. За свештеномонах е ракоположен од митрополитот Петар 1996 г., а од митрополитот Наум е произведен во игумен и архимандрит истата година. Духовен отец е на братството на манастирот на Светото Преображение во Зрзе од 1997 г., на сестринството од манастирот  на Светиот Архангел Михаил во Варош, а од мај 2004 г., е в.д. старешина на манастирот  на Пресвета Богородица - Трескавец. 

Од 2005 г. е на постдипломски студии на Филозофскиот факултет во Скопје, на Катедрата за класични студии (Византиска култура). /interview-то е објавено во велигденскиот број на дневникот НОВА МАКЕДОНИЈА, од 30.04. 2005 г.