Христово Воскресение (04.05.2005)
„Сега сите се исполнија со светлина, небото и земјата и подземјето, и секое создание го празнува
Воскресението Христово, и во него се утврдува.“
На Плаошник, во црквата на Свети Климент Охридски и на Светиот великомаченик Пантелејмон, ноќта на Христовото Воскресение пасхална Утрена и Божествена Литургија отслужи Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј со свои свештенослужители. Мноштво верни од Охрид и од бројни други краишта на земјата пристапија да примат од светлината на Христовото Воскресение што на полноќ блескаше во раката на Христовиот Архиереј, додека свештениците и народот низ многубројните цркви во Охрид и по сите места на епархијата со неискажлива радост го прославуваа најголемиот празник на земјата.
Утредента, според обичајот во црквите и во манастирите на Македонската Православна Црква, на Вечерната од вториот празничен ден како израз на светотроичното благодатно единство во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква со сите православни христијани и со сите помесни сестрински Православни Цркви во светот, Светото Евангелие на денот во катедралната црква Света Софија во Охрид беше прочитано на многубројните јазици на народите.
„Небесата достојно да се веселат, земјата да се радува, да празнува светот видлив и невидлив, Христос воскресна, радост што е вечна!“