Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Заупокоена Литургија и погребение на монахиња Синклитикија во манастирот „Свети архангел Михаил“ во Берово (26.03.2022 07:04)

Денес, кога Црквата ги празнува свети Никифор Цариградски и света Христина Персијанка, Митрополитот Европски г. Пимен во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Викарниот Епископ г. Јаков Стобиски, а во присуство на надлежниот Митрополит Струмички г. Наум, отслужи Света Заупокоена Литургија и опело на блаженоупокоената монахиња Синклитикија. По Литургијата, на манастирските гробишта, во присуство на многуброен народ, беше погребано телото на блаженоупокоената монахиња Синклитикија, настојателка на манастирот „Свети архангел Михаил“, во Берово.

Господ да ја упокои со Светиите!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа архиереи, чесни отци, преподобни монаси и монахињи, браќа и сестри, драга сестра Синклитикија. Ќе ти се обратам, пред сè, тебе поради тоа што ти си жива во живот далеку пожив од овој овде што го напушти, и во многу пореална реалност од оваа во која ние остануваме.

Браќа и сестри, нас нѐ привлече и нѐ собра љубовта кон неа денес, и секако Божјата промисла, затоа што никој не си заминува од овој свет без Божјата промисла. А, ние знаеме, зашто така примивме од отците на Црквата, дека Бог го зема човекот од овој свет тогаш кога е најподготвен.

Еве нѐ собрани од нашата сестра во овој празничен, торжествен и радосен ден на Воскресението. Монахот сиот свој живот го чека овој миг и се подготвува токму за овој ден. Животот на монахот е крст, непрестајно умирање за овој свет, за својата волја, за самиот себе. Живее само за Бог, и затоа ние во монаштвото не тагуваме, кога Бог ќе го повика некој од нас, туку се радуваме поради тоа што дочекавме остварување на сите наши исчекувања, сите наши стремежи, исполнување на нашата надеж.

Светата и велика Четириесетница е непрестаен стремеж и патување на секој еден од нас во прегратките на Воскреснатиот Христос, во светлината на Неговото Воскресение, но ти, драга сестро, нѐ испревари и нѐ претекна и пред сите нас влезе во светлината на својот и наш Бог, заради тоа што најверојатно трчаше подобро од сите нас, и се трудеше повеќе од сите нас, но затоа, пак, заради тебе и ние тука денес биваме утешувани од истата Велигденска радост. Ние, во Црквата, многупати на богослужбите велиме: „Самите себе, еден со друг, и сиот наш живот на Христа Бога да Му го предадеме“, поради тоа што таква е нашата вера и таков е нашиот опит, дека во овој свет од смртта и гнилежот можеме да сочуваме нешто и некого ако само на Христа Бога Му го предаваме, бидејќи надвор од Христос ништо и никој нема вечна перспектива. Затоа, денес, драга сестро, ние те предаваме во рацете на Оној за Кого го напушти и го остави светот, и Оној Кого Го возљуби од својата младост и го следеше до крајот. Знаеш дека Владиката многупати ни велеше, не само на тебе и мене, туку и на сите нас, неговите духовни чеда кои бевме негови сотрудници во возобнувањето на монаштвото и на манастирите во нашата татковина, дека плодовите на возобновеното монаштво ќе ги жнееме тогаш кога ќе почнат гробови да никнуваат околу нашите манастири. Сè додека гробови не видиме, ништо за сигурно не сме втемелиле.

Затоа, радувај се, драга сестро, бидејќи тебе и сестра Анастасија ве праќаме како првина на тој плод, во вечноста, во Царството на нашиот Трипостасен Бог, за Кого сите живееме, постоиме и кон Кого сме се упатиле. Ние тука стоиме, но знаеме, како што вели Старец Софрониј, дека ние сме неразделни, ние преку тајната на Црквата сме органски поврзани, преку тајната на Литургијата и лично-соборното учество во Телото Христово. И, како што сме еден од друг неразделни и поврзани, така сме и од Него неразделни и засекогаш соединети, а сè што е соединето со Христос е спасено, вели еден голем отец на Црквата.

За твојата заедница со Него, сите ние што те познаваме знаеме и сведочиме, но јас тука пред овој свештен собор можам да посведочам за твоите последни денови, во коишто го живееше своето лично распнување, трпеливо, спокојно со целосрдечна благодарност, баш онака како што нè учеше нашиот духовен отец. И при секоја средба ти ми благодареше и бараше прошка, ако со нешто си ми дотежнала и си ми досадила. Но, еве денес јас ти благодарам тебе поради тоа што при секоја средба јас како во детски буквар во тебе гледав исполнување на дело на словото на нашиот духовен отец за тоа како треба да се поднесуваат и да се трпат неволните страдања кои повеќе од што било друго можат да нѐ изградат како духовни личности. Ти благодарам за тоа сведоштво и те молам во свое лично име и во име на сите браќа и сестри собрани денес тука и ти да ни простиш ако со нешто те ожалостивме и те повредивме во овој живот, за да можеш слободно да се молиш за нас пред престолот Божји, како онаа којашто го победи светот, за нас коишто остануваме во овој свет и за коишто борбата сè уште не е завршена.

Те праќаме во покојот Христов, и знаеме дека веќе го живееш, а за тоа ни сведочи твојот спокоен лик, којшто е многу поспокоен и поубав од колку кога беше присутна во овој свет. Затоа те испраќаме со Велигденско торжество, не очајуваме и не тагуваме, плачеме разумно како оние кои физички се разделуваат од сакана личност, но заедницата што ја живееме во Светата Литургија во тајната на Црквата, надминува секаква разделба и е многу пореална од што било овде на Земјата.

Жив е нашиот Бог и ние живи ќе бидеме!

Христос Воскресе!

Викарен Епископ Јаков Стобиски