Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Молебен на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев (05.05.2005)

 

 

Во манастирот Свети Спас во Скопје, на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во спомен на 102-годишнината од неговата смрт вчера Молебен канон отслужи  Митрополитот Кумановско-полошки г. Кирил во присуство на висока државна делегација и бројни гости од земјата и од дијаспората. На беседата пред многубројните што дојдоа да му оддадат чест на името и делото на паднатиот деец за национална слобода на македонската земја, Митрополитот Кирил изрази восхит кон големите македонски патриоти со храброст и дејственост какви што го красеа многупочитуваниот Гоце Делчев, а издвојувајќи го слободоносниот патриотизам како светол и конкретен облик на човекољубие, крепко повика: „Да го следиме нивниот саможртвен пример и да се инспирираме од нивната љубов кон Македонија.“ 

 

 

 Висока државна делегација составена од претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски и претседателите на Владата и на Собранието, Владо Бучковски и Љупчо Јордановски, положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје, одбележувајќи ја 102 годишнината од загинувањето на еден од најголемите македонски револуционери.

Гоце Делчев, еден од најголемите идеолози на ослободителното движење на македонскиот народ од крајот на 19 и во почетокот на 20 век, загина на 4 мај 1903 година во селото Баница, Серско, Егејска Македонија, во борба против османлиската војска.

Роден е во Кукуш, Егејска Македонија, на 4 февруари 1872 година.