Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Торжествено сослужување на претстојателите на СПЦ и МПЦ (24.05.2022 10:23)

На 24 мај 2022 г., во денот кога Црквата го прославува поменот на сесловенските учители и просветители, Солунските браќа Кирил и Методиј, во соборниот храм во Скопје, посветен на нивниот најславен ученик, светиот Климент Охридски,  се случи многу радосен настан – беше отслужена Божествена Литургија на која чиноначалствуваа претстојателите на Српската Православна Црква, Неговата Светост Патријархот г.г. Порфириј и на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан, а во сослужение со многубројни архиереи од двете Цркви, и тоа: Високопреосвештените Митрополити Црногорско-приморски г. Јоаникиј, Преспанско-пелагонијски г. Петар, Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Повардарски г. Агатангел, Брегалнички г. Иларион и Кумановско-осоговски г. Григориј, и Преосвештените Епископи Сремски г. Василиј, Бачки г. Иринеј, Зворничко-тузлански г. Фотиј, Крушевачки г. Давид, Ремезијански г. Стефан и избран Шабачки г. Јеротеј, Полошко-кумановски г. Јоаким и Брегалнички г. Марко. На архиереите им сослужуваа архимандрити, протопрезвитери, игумени, презвитери, протоѓакони и ѓакони од обете Цркви, а соборниот храм беше преисполнет од верен народ кој со исклучителна радост и духовно веселие зеде евхаристиско соучество во овој велик ден во кој и во нашата Татковина се збидна она што после педесет и пет тегобни години конечно се случи минатата седмица во Белград – сослужување меѓу Српската и Македонската Православна Црква, со што се залечи болната рана на црковното неопштење.

Со својата беседа Неговата Светост Патријархот г.г. Порфириј дотолку ја зголеми радоста на сите присутни чеда на нашата помесна Црква, обзнанувајќи дека на штотуку завршениот Свет архиерејски собор на СПЦ била донесена едногласна одлука за прифаќање на молбеното барање на МПЦ за добивање на автокефалија! Оваа благовест на Српскиот Патријарх беше пречекана со громогласен, повеќеминутен аплауз и небројни солзи радосници од верниот народ, кој конечно дочека да ги слушне зборовите за коишто толку молитви принесуваа и толкав труд вложуваа нашите претци.

Сега, браќа и сестри, доаѓајќи овде, ви носиме уште една радост. Светиот Архиерејски Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, па така Соборот на нашата Црква ја благословува, одобрува, прифаќа и ја признава автокефалноста.

Потоа словеше Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан, кој заблагодарувајќи им се на Неговата Светост и на сите архиереи на СПЦ, соопшти уште една радосна вест. Имено, по покана од Вселенскиот Патријарх, Неговата Сесветост г.г. Вартоломеј, делегација од МПЦ, на чело со Архиепископот ќе сослужува со Вселенскиот Патријарх на Божествената Литургија на Педесетница, којашто ќе биде отслужена во Константинопол.

 

                            

                                

                           

                

                            

                

                            

 

Извор: Скопска епархија