Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (07.06.2022 14:52)

Му благодариме на Милостивиот Бог, а воедно и на сестринската Српска Православна Црква (СПЦ) за снисходливоста и покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Великата Христова Црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската Архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете Цркви беше заокружен вчера во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето на официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света Црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.

Известуваме дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската Патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете Цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во иднина, односно кога за тоа ќе биде одлучено, да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање на општопризнат Томос од страна на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности.

Од Кабинетот на Архиепископот