Рајчица на денот на Светиот великомаченик Георгиј (07.05.2005)
„Ти Си извор на навистина живата вода, Владичице, ги измиваш лутите болести на душите и телата наши со Твоето докоснување само, водата на спасението, Христа, Го излеваш.“
„Повисоко од небесата се возвиси водата на Твојот извор и тековите на земните бездни ги надтече, ова е храна за душата, пијалок за верните, мед за камењата, и манна раздарувана.“
На Вечерната во чест на Светиот великомаченик Георгиј во манастирот што му е посветен во Рајчица Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј замонаши во Мала схима две искушенички од тамошното монашко сестринство. На потстригот во присуство на Старецот на манастирот, архимандритот Партениј, на архимандритот Нектариј од манастирот на Свети Наум Охридски, на монашкото братство од Бигорски, бројно свештенство од Дебарско-кичевската и од Повардарската епархија и други многубројни гости, сестрите ги добија монашките имиња Киријакија и Анастасија.
Причесниците на двете монашења, по мала почивка и откако вкусија од послужената заедничка трпеза, отидоа на мало бдение во црквата на Светиот великомаченик Георгиј со Божествен страв поклонувајќи се на светите мошти на Светителот и прославувајќи го со псалмопенија. Со вдахновение од двојниот празник и понесени од благочестивата желба сестрите кои штотуку пристапија во благообразниот монашки чин да постанат навистина свет принос пред Бога и приброени во хорот на благочестивите девици на Пресвета Богородица, во Рајчица ги продолжиjа богослужењата заедно свештениците, монасите и верниот народ.
Утрото на празникот во слава на Пресвета Богородица и на Светителот-патрон, со пристигањето на Високопреосветениот г. Тимотеј во манастирот започна Архиерејска Божествена Литургија. По Литургијата отците извршија Водосвет.
„Сите води ги надминува, Дево Пречиста, водата на Твојот извор, која ослободување од лутите болести и секое здравје на душите јавува, излевајќи се над естеството.“
„Вие кои барате здравје притекнете кон изворот, Малечката Дева живее крај водата, ликуј и весели се множество од верни, како шти ти прилега – дојдете при храмот, и примете возвратот на прозбите.“