Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (05.05.2023 19:36)

Ние, поглаварите на: МПЦ ОА, ИВЗ, КЦ, ЕМЦ и ЕЗ, поттикнати од најавата за донесување на Предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост, изразуваме особена загриженост за иднината и безбедноста на верниците за кои имаме одговорност, а посебно за жените и децата.

Сметаме дека се неприфатливи легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите – жените и децата!

Впрочем, нашата најголема загриженост се однесува на намерата овој Закон да ги опфати и малолетните лица, односно децата. Промовирањето на различни родови идентитети и „флуидноста“ помеѓу нив, можат да предизвикаат непоправливи штети, особено кај тинејџерите, кои, вака упатувани и образувани, треба да минат низ процес на самоиспитување и испробување, несоодветен за нивната возраст.

Притоа, Предлог-законот за родова еднаквост отвора можност за загрозување на родителските права бидејќи предвидува, од аспект на родов идентитет, децата да бидат третирани еднакво како и возрасните.

Поучени од актуелните случувања во земји, каде родовата идеологија е реалност со трагични последици, којашто сѐ повеќе предизвикува активен отпор кај родителите, психијатрите, психолозите и учителите, повикуваме на повлекување на Предлог-законите и оставање временски простор за нивно сериозно проучување, за запознавање со сите последици по психолошкото здравје на младите и за активно вклучување во разработката на такви закони на сето општество, а, пред сѐ, на родителите и на сета стручна јавност.

Изворот на овој загрижувачки тренд го лоцираме во ратификувањето на Истанбулската конвенција, која, благородната цел на заштита на жените и децата, ја искористи како параван за затскриено наметнување на родовата идеологија. Всушност, Предлог-законите, во основа, им противречат на доктрините на сите верски заедници!

Затоа апелираме до сите релевантни субјекти сериозно да ја разгледаат можноста за повлекување на овој документ, по примерот на многу земји членки на ЕУ кои од него се дистанцираа, како што се: Турција, Чешка, Унгарија, Бугарија, Словачка, Литванија и Латвија, и кои сѐ уште не го ратификувале, односно некои го отфрлија токму поради неговата родова компонента.

Скопје, 5.5.2023 год.

Архиепископ Охридски и Македонски
Стефан

Реис-Ул-Улема на ИВЗ
Шакир Фетаи

Скопски Бискуп и Епарх Струмичко-скопски
Киро Стојанов

Суперинтендент на Евангелско-методистичка црква
Марјан Димов

Претседател на Еврејската заедница
Пепо Леви