Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На Педесетница Српскиот Патријарх Порфириј во Охрид (05.06.2023 13:26)

Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, на 5 јуни 2023 година, во понеделник, отслужија Божествена Литургија во древниот храм „Света Софија“, во Охрид, со која свечено беше одбележана првата годишнина откако поглаварот на Српската Православна Црква му го врачи Томосот за автокефалност на поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

На Божествената Литургија сослужуваа високопреосветените и преосветени архиереи Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Преспанско-пелагониски г. Петар, Брегалнички г. Иларион,  Кумановско-осоговски г. Григориј, Полошко-кумановски г. Јоаким, Нишки г. Арсениј, Марчански г. Сава и Топлички г. Петар. На крајот од Светата Литургија, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј му врачи највисокото признание на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија – орденот на Свети Климент Охридски од прв ред. По тој повод Патријархот Порфириј беседеше:

„Блажењејши Архиепископе, Високопреосветени и Преосветени браќа архиереи, најнапред дозволете ми да кажам дека навистина сум трогнат од Вашата љубов и од ова одличје што ми го доделивте. Искрено Ви благодарам, Блажењејши, и на Вашата Црква. Секако, исполнет сум со радоста на Светиот Дух што денес сме овде, во славниот Охрид, собрани во оваа древна, прекрасна православна црква „Света Софија“. Се радувам и поради поводот, а тоа е една година откако го прославивме вистинскиот и прав Духовден овде во Охрид и во Белград, што значи дека го прославивме роденденот на Црквата Христова, и секако по повод доделувањето на Томосот на автокефалност на вашата помесна автокефална Црква во Македонија.

Сè што имаме, што сме, што мислиме, што говориме, што вреди нешто, е од Бог и е во Бог. Затоа дарот да се гледаме во Светиот Дух како браќа и како сестринство на Црквата е дар Божји. Меѓутоа, иако дарот Божји секогаш доаѓа, Бог секогаш дава, неопходно е и ние да ја разбереме Неговата волја и да служиме за да ја оствариме Неговата волја. Ова важи за секој од нас поединечно, но важи и за сите нас како заедница. Затоа и денешната причина за нашето празнување е настан од пред една година во кој најскромно учествуваше нашето смирение, како последен слуга. Всушност, благодарение на Вашата љубов, на Вашето смирение, Вашата молитва и вера, тој дар стана нешто што е реалност за сите нас. Секако, важна е и соработката на браќата архиереи. Важна е и верата, љубовта и молитвата на сега веќе назначениот митрополит Јован и епископите кои се со него. Тогаш кога очите ни се отворени и кога имаме смирение во душата, кога имаме вера и се обраќаме кон Бог, Господ дејствува во нас, меѓу нас и околу нас, а кога во нашето срце ќе се појави гордоста, себичноста, без разлика колку се трудиме, без разлика колку и да сме надарени, колку и да живееме во подвиг, по правило благодатта на Светиот Дух не дејствува или, во најмала рака, дејството на Светиот Дух не може да се види во таа прилика.

Денес е Духовден. Тоа е роденден на Црквата – Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, што значи Црква Христова, која е телото Христово, а Господ е глава на тоа тело. Не постојат многу цркви, туку само една Света, Соборна и Апостолска Православна Црква. Се разбира, постојат организации и администрации на епископии и митрополии на автокефалните Цркви, но секоја автокефална Црква, потпирајќи се на Христос како своја глава, е во нераскинливо единство со сите други помесни Цркви. Истовремено, секоја автокефална Црква, како и секоја епископија, е потполна Црква, бидејќи во секоја Црква каде што се служи Света Литургија е присутен целиот, потполн Христос. Оттука, Црквата е над сите поделби, над поставувањето на какви било граници. Тоа, се разбира, не значи дека нема поединечни дарби и таленти, дека нема дарови што ги поседуваат одредени народи. Секој народ има свој печат, но само кога ќе го доживееме тој печат како дар Христов, а не како повод за спротивставување, за дистанцирање и, не дај Боже, за конфликти и расправии, само кога ќе разбереме дека дарот е даден како можност да Го прославиме Христос, преку нашиот дар другите народи да нѐ препознаат како Христови луѓе, и дека умножувајќи ги нашите дарови ги препознаваме даровите на другите народи како Христови дарови, преку кои овие народи нè збогатуваат. Затоа, ние ги збогатуваме другите со Христос, а другите нас со Христос. Всушност, како Црква, ние сме еден организам во различноста, и секој од нас е член на тој организам, дел од тој организам, а истовремено и целосен организам и целосна Црква.

Тоа најдобро се гледа на празникот Духовден, кој го славиме денес. Даровите кои ги носеа народите не ги одвојуваа тие народи еден од друг кога тие беа обединети од Светиот Дух. На денот на Педесетницата апостолите се собраа на едно место и дојдоа три илјади луѓе од различни народи. Тие зборуваа различни јазици, имаа различни традиции, секој од нив имаше своја личност. Меѓутоа, апостолите вдахновени од Светиот Дух, исполнети со Светиот Дух, излегоа пред тој народ и зборуваа на својот јазик, на еврејски јазик. Иако трите илјади луѓе што беа собрани околу нив зборуваа друг јазик – зашто тие не разбираа еврејски јазик – сепак, тие разбраа сè што им кажаа апостолите, бидејќи апостолите сведочеа за распнатиот и воскреснатиот Христос, зборуваа на јазикот на Светиот Дух, на јазикот на љубовта, на јазикот што соединува, на јазикот што ги обединува различните дарови во целина и чини едно единство. Тој јазик е јазикот на Светиот Дух. Тоа е јазикот на љубовта. Кога зборуваме со јазикот на љубовта и како народи меѓу себе, но и како луѓе поединечно, дури и ако тој на кој му се обраќаме не го разбира нашиот јазик, тој ја разбира љубовта и разбира што е поважно од кој било збор, поважно од кој било јазик. Исто така, дури и да зборуваме ист и идентичен јазик, ако во нас Го нема Светиот Дух, ако не зборуваме со љубов и смирение, секогаш ќе бидеме оддалечени еден од друг. Ова важи за поединците, од семејството па натаму, важи за народите, важи и за континентите, исто така важи и за космосот.

Блажењејши, Ви благодарам за љубовта, за дарот, за можноста да служам во овој храм. Денес на Литургијата дознав дека Српскиот Патријарх последен пат служел овде пред сто години. Еве, да не чекаме на секои сто години, туку секогаш да ни доаѓате во Белград, на сите свети места во нашата Црква, во Србија и каде и да е, но и ние да доаѓаме овде, да служиме и во Србија и во Македонија, како што служевме во Хрватска да служиме насекаде низ светот, каде и да се нашите народи по Божја промисла и, фала Богу, заедно се молат на Бог, што значи дека иако припаѓаат на други народи, тие припаѓаат на една и единствена Црква Христова и во таа смисла припаѓаат на еден, што е најважно, Божјиот народ. Господ да ве благослови сите вас, браќа и сестри, сите луѓе што живеат овде во Македонија и да ве исполни со Светиот Дух. Ви предавам, Блажењејши, еден жезол за кога ќе служите Литургија нашата љубов да биде со Вас, да ги водите луѓето што Бог Ви ги дал многу години и да ги водите во Царството Небесно“.

 

Извор: spc.rs