Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ПРИКАЗНИ ВО ПРИКАЗНАТА ЗА ПРАВАТА НА ЖЕНАТА: ФЕМИНИЗАМ, ПОЛОВОСТ, РОДОВОСТ, СЕКСУАЛНОСТ, ТРАНССЕКСУАЛНОСТ, ТРАНС-РОДОВОСТ, ИЗОПАЧЕНОСТ (29.06.2023 15:20)

Отсекогаш, луѓето сонувале за подобар живот. Многу неправди се направени во име на правдата. Многу ропства се воспоставени во име на слободата. Такви се приказните за еднаквост и слобода: на почетокот имаат призвук на бајка, потем се претвораат во сурова стварност. Историјата е полна утопии претворени во дистопии. Приказната за женските права на општествена еднаквост со мажите е една од тие тажни приказни. Трае долго, крајот е неизвесен.

На почетокот на 20 век имаше призвук на голема идеја која ќе го промени светот на подобро. Кон крајот на векот, се засили академски и научно, со феминистичките студии кои за кратко време се трансформираа во „родови студии“. Родовите студии понудија нова перцепција на човекот и неговиот полов и сексуален идентитет. Тие предизвикаа пресврт во феминистичката парадигма втемелена врз бинарноста на биолошките полови и не-еднаквите социјални, економски и други права на мажот и жената. Родова парадигма не се повикува на човечката биологија, туку на општествената перцепција. Според неа, луѓето не се раѓаат со својот род, туку го создаваат од најрана возраст, преку образовни, културни, комуникациски, медиумски, социјални и јазични политики. Родот е општествен конструкт, конвенција. Тој е нешто произволно, арбитрарно. Производ на општествен, заправо политички и идеолошки договор.

Бескрајното клопче на трансродовата дистопија започна да се одмотува, дискретно, уште 1970 година, кога е измислен терминот трансродовост (transgenderism), по аналогија на термините транссексуалност и трансвестија. Но, 2014 година, со „Истанбулската конвенција“, повторно под претекст на феминизмот, веќе експлицитно се промовираат глобални трансродови политики. Бајката за рамноправноста на жените со мажите која ги освои симпатиите на демократскиот свет, веќе се заканува да се претвори во хорор приказна и грда стварност.

Време е да се демистифицира оваа приказна втемелена врз начелото на произволна перцепција и поткрепена со тенденциозни образовни политики. Време е, затоа што оваа „приказна во приказна“ не е ни наивна, ни последна. Таа е увод во целосен распад на здравиот разум. Таа создава конфузија меѓу поимите пол и род, меѓу родовост и сексуалност, меѓу и трансродова и транссексуална ориентација. Таа ги загрозува правата на жените за коишто се бореа некогашните храбри генерации. Таа ги злоупотребува личниот идентитет и правото на приватност на децата и младите. Таа ги релативизира идентитетите до тој степен што ги укинува во реалноста. Таа создава проблематични урбани митови. Сувереноста на индивидуата за којашто се залагаа генерациите на Модерната и Постмодерната е доведена во прашање. Време е за сериозен дијалог, а не за примитивни иконографии.

Благородната идеја за отстранување на дискриминацијата на луѓето поради нивната сексуална ориентација и специфичен еротизам се претвора пред наши очи во портал за влез во светот на „изопаченоста“ познат како queer/квир свет. Се чувствуваат последиците на трансродовата дисфорија (спротивно на еуфорија). Воведувањето над 75 нијанси трансродовост и транссексуалност е илузија на слобода, дефокусација од вистинскиот предизвик на опстанокот на  хуманата матрица. Така се преоѓа од родовиот континуум до идентитетскиот дисконтинуум. Така се создава општа патогена ситуација во општеството. Така светот станува нешто помеѓу хумана и нехумана творба. Она што беше реткост добива масовни размери.

Хуманата приказна за сексуална недискриминација почна да промовира култура на изопаченост чијшто крај не е на повидок. Нема крај затоа што промовира идеологија на биолошка транзиција од еден во друг пол, промовира идеологија на двојна, трансродова, и транссексуална транзиција, создава опасна нестабилност и ранливост на интимниот идентитет (лични имиња, матични книги на родените, родови заменки, трет род, неутрален транссексуален или среден род, граматички род кој постои во македонскиот јазик, но не и во сите јазици во светот), создава дезориентација во светот на идентитетите, предизвикува физички, психички, семејни и социјални трауми.

 

Неолибералниот наратив на виножитото требаше да ги сензибилизира луѓето и институциите за сите нијанси на биолошкиот, половиот и сексуалниот идентитет со цел да нема дискриминација. За жал, тој во својата актуелна кулминација, пристрасно и законски ја наметнува трансродовата едукација на деца чијашто свест е кревка и несвесна за трансродовите замки и последици.

Позитивната дискриминација на трансородово сензибилните се претвора во дискриминација на традиционалниот семеен образец. Децата уште не научиле да се изразуваат, веќе се предмет на моделирање на умот. Визуелнот говор го потиснува природниот јазик. Социјалните мрежи го заменуваат семејството. Лагите го преземаат местото на вистината. Традиционалното семејство е невидливо во новите образовни содржини. Мнозинството е стигматизирано. Демократскиот принцип е прекршен.

Последниве години, дури и слободата на научните истражувања финансирани од меѓународните фондови на Западот се ултимативни: или ќе го усвоиш нивниот план за трансродово балансирање, или нема финансирање на проектот. Воведена е прелиминарна елиминација врз новите трансродови вредности.

И главните приоритети на Повелбата на Европската Унија се транс-родовите идентитети, односно политиките за нивна институционална и законска поддршка. Тие приоритети се на пат да станат доминантна европска вредност. Со нив државите ‒ аспиранти и членки на ЕУ се насочуваат да донесат соодветни законски регулативи, а со регулативите доаѓаат и санкциите.

Полека, но сигурно, се промовира култура на „позитивна дискриминација“ по родова основа. Се промовира нов извор на неправда. Оти не постои праведна дискриминација. Конечно, изопаченоста, позната под терминот „квир“, станува синоним на западните и европските вредности.

Сета оваа конфузија на вредностите се рефлектира врз јазикот. Сите знаеме дека јазикот е поглед на свет, а погледот на свет е јазик. Во тек е официјално етаблирање на андрогиниот трансговор и новоговор. Новоговорот на Орвел од 1949 е невин во однос на овој денешен трансговор и родоговор. Трансговорот го детронизира не само реалниот, туку и симболичниот поредок на човечката цивилизација.

Принудните политики се усвојуваат како Ново Нормално: додека се менува речникот, се менува не само сликата на свет, туку и самиот свет: се менува човечкото тело, неговите нијанси. Светот повеќе не е слободен. Слободата е една голема утопија, а со неа и сувереноста.

Се соочуваме со радикален транс-хуманизам. Се сочуваме со квиро-центричен свет. Свет во чиешто средиште е поставена изопаченоста. Хуманитевредности се заменуваат со проблематични стереотипи на лица во перманентна транзиција и деформација. Се изопачуваат не само етичките, туку и естетските вредности. Пред нас гледаме гранични луѓе, гранично човештво. Светот е преполовен, болката ја чувствуваме сите. Се соочуваме со ревизија на природниот со артифициелниот ред на нештата. Маргиналните појави стануваат авангардни.

Трансродовиот дискурс се етаблира како дискурс на моќ во сферата на уметноста, особено во книжевноста и филмот. Не само што се фокусира врз актуелната уметност, туку прави ревизија на наследените уметнички дела – романи и филмови, адаптирајќи ги во склад со важечкиот трансхуман полит-говор. Недозволиво е за еден автор и за еден роман или филм некој да го ревидира за да биде политички коректен во дадена актуелна констелација.

Денес се возможни и тие невозможни мисии: се ревидираат популарни дела и бестселери, се прави римејк на ТВ серии и филмови, со цел да бидат дискретен маркетинг на новата транс-политичка коректност. Се бришат доказите за постоењето на бруталната дискриминација врз сексуална, социјална, расна и етничка основа. А сите се сеќаваме или знаеме дека минатото било идеално, но како да кажеме дека сегашноста се коси со самиот поим човечност!.

Според добрите познавачи на трансродовата проблематика, не е можно да се зборува за неа критички и слободно, а да се наиде на автоматска дискредитација од страна на јавната политика и нејзините медиумски и партиски протагонисти. Па сепак, и овој пат се определуваме за правото слобода на израз. Зошто?

Затоа што е неопходно да се повика на здрав разум. Од една страна, треба да се апелира на недискриминација по ниедна основа на ниедна заедница, а од друга – треба да се демистифицираат проблематичните трансродови закони и последиците што тие ќе ги предизвикаат. Последен час е да се покаже авторитарната и деструктивната страна на трансродвиот „центризам“. Последен час е да се укаже, со сета почит спрема различностите, дека трансродовоста веќе се користи како алатка за трансхуманизација. Треба ли да се случи трагедија за да се признае дека е во создавање меѓу луѓе, меѓу родители, меѓу деца, меѓус емејства, некој вид получовештво: ни човештво, ни нечовештво.

Човештвото е веќе навлезено во нова информатичка, етичка и пост-хумана ера. Ако тој влез биде скок во непознатото, ако тој влез се претвори во догма и опиум за народ, тогаш голема е веројатноста тој да се збидне како скок во бездна, како деструктивен и самоубиствен чин.

Денес, повеќе од било кога, е неопходен релаксиран општествен амбиент, ослободен од ултиматуми, поткрепен со оптимални услови за научни истражувања на навидум различните, но комплементарни феноменина „артифициалниот свет“: Трансродовата Транзиција (ТТ) и Вештачката Интелигенција (АИ).

Денес, повеќе од било кога до сега е неопходен здрав разум во сферата на јавните политики. А, да не заборавиме, нема здрав разум без емпатија, без хармонија, без хуманост.

Драги сограѓани, човештвото има многу лица. Треба ли да дозволиме да ни се наметне како опција само едното негово лице, лицето на транс-хуманизмот? Дали откажувањето од хуманизмот било некогаш решение, или обратно?

 

Академик Катица ЌУЛАВКОВА