Владиката Тимотеј отслужи Божествена Литургија во новоосветената црква во Тимјаник посветена на Рождеството на Пресвета Богородица (15.05.2005)
„Од праведните сесветската радост ни блесна, од Јоаким и Ана севоспеаната Дева, Која од преголема чистота храм Божји со осенет станува, и како единствена навистина Богородица Ја препознаваме. По Нејзините молитви, Христе Боже, на светот мир испрати му, и на нашите души голема милост.“ (вечерна стихира од Рождеството на Пресветата)
Вчера во селото Тимјаник во околината на Неготино беше осветена црквата посветена на Рождеството на Пресвета Богородица. Осветувањето го изврши Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Повардарски г. Тимотеј, заедно со свештенослужители од Дебарско-кичевската и од Повардарската епархија.
Тимјаник се наоѓа на оддалеченост на 2 километри од градот Неготино. Селото брои околу 380 куќи и сите жители се православни.
На местото на новоизградената црква во минатото постоела друга црква, која била урната и истото место на 19 јули 2000 година се удрени темелите на новоизградената. Олтарот во новата црква е фрескописан, изграден е и поставен нов иконостас, во којшто ги поставија царските двери од претходната црква. Останатиот дел од внатрешноста на црквата во најскоро време ќе биде фрескописан.
Покрај Црковниот одбор, заедно со населението од селото Тимјаник, предводени од парохискиот свештеник Воислав Ѓорѓиев, во завршувањето на оваа градба учествуваа повеќе организации и личности, кои преку различни донации придонесоа овој храм да биде брзо изграден и подготвен за богослужба. Како позначајни ќе ги издвоиме: Земјоделската Задруга „Балкан” од Тимјаник; „Урбан-Инвест” од Кавадарци; Фабриката за кабли Неготино; Фабриката за кондиторски производи „Македонија“ од Неготино; Туланата „8 Ноември”; ЈСП „Комуналец” од Неготино; Винарија „Венец” од с. Долни Дисан; Винарија „Бовин” Неготино; г. Илија Ѓорѓиев и др. На поголемиот дел од овие заслужни организации и граѓани Владиката Тимотеј им врачи благодарници.
По Божествената Литургија за насобраниот народ беше послужена трпеза.