Претставници на помесните Православни Цркви пристигнуваат во Фанар за да земат учество во Сеправославниот Собор (23.05.2005)
Во вторник наутро во Фанар треба да започне Сеправославниот Собор на Цариградската Патријаршија, кој ќе одлучи за иднината на досегашниот Ерусалимски Патријарх Иринеј. Се очекува отповиканиот Ерусалимски Патријарх да пристигне во Истанбул во текот на денешниот ден. Од своја страна г. Иринеј изјави: „Подготвен сум и не одам во Фанар за да ми се суди.“ Цариградскиот Патријарх Вартоломеј соопшти дека е загрижен за работата на Соборот и го подвлече значењето од постигнување едногласна одлука. Архиепископот Христодул ќе пристигне во Фанар денес, со овластување од Постојаниот Свет Синод на Грчката Православна Црква да заземе став во нејзино име по свое наоѓање. По одлуката за симнување на Иринеј, веќе потврдена со декрет од страна на кралот Абдулах, Јордан побара избор на помошник-патријарх за Ерусалимската Патријаршија. Се очекува Соборот да трае до среда. Негова цел ќе биде да стави крај на кризата што ја потресува Ерусалимската Патријаршија. Сеправославниот Собор е клучен за иднината на г. Иринеј, зашто ќе одлучи по однос на неговата судбина, но и по однос на неговата идна улога во Ерусалимската Патријаршија. Братството на Светиот Гроб, од своја страна, тврди дека г. Иринеј прави обиди да се извлече дури и во последен момент со наместени сведочења. Од Сидирокастро, каде што во моментов се наоѓа, г. Христодул изрази уверување дека ќе биде постигнато решение. Вчера наутро Цариградскиот Патријарх отслужи заупокоена литургија за неодамна починатиот Епископ Јаков, а исто така и прими група поклоници од Фтиотида. Во моментов во Фанар подготовките се позабрзани, а претставници на Православни Цркви веќе пристигнуваат од сите страни на светот. Според информација на Цариградската Патријатшија на Соборот лично ќе присуствуваат: Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, досегашниот Ерусалимски Патријарх Иринеј, Александрискиот Патријарх Теодор, Атинскиот Архиепископ Христодул, Варшавскиот Митрополит Сава, Албанскиот Архиепископ Анастасиј, Ефескиот Митрополит Хризостом и Пергамскиот Митрополит Јован, како и главниот секретар на Светиот Синод на Цариградската Патријаршија, архимандритот Елпидофор. Грузискиот Патријарх изјави дека ќе прати делегација. Други Архиереи коишто ќе испратат делегации се: Московскиот Патријарх Алексиј, Кипарскиот Хризостом, Чешкиот Николај, Антиохискиот Игнатиј, Романскиот Теоктист, Српскиот Павле и Бугарскиот Патријарх Максим. известува грчкиот медиум ЕРТ: http://news.ert.gr/newsDetails.asp?ID=137138,