Vesti i nastani
 
 
 
 
 

До Неговото Блаженство, Патријарх Антиохиски и на целиот Исток, Јован X (13.12.2024 12:40)

Ваше Блаженство,

Испраќајќи Ви го ова писмо, од името на полнотата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Ве уверуваме во нашата искрена сострадалност и во нашите непрестајни молитви за сирискиот народ и за сите православни христијани пастирствувани од Вас на целиот Исток.

Го молиме семилостивиот Бог за сирискиот народ – којшто, низ историјата, многупати даваше живо сведоштво на верата, на надежта и на Христовата љубов, па дури и во најтешките времиња за него – да му подари духовна утеха и поткрепа; а, Вам, Ваше Блаженство, пак, – евангелско богомудрие во претстојниов неизвесен период.

Искрено се надеваме дека нашиот Бог, Којшто е Бог на мирот, ќе благоволи одново да се воспостави мир во Вашата многустрадална земја, постанувајќи Ви единствен и вистински закрилник во неволите; како што, впрочем, и самиот Тој порачува: „Не плашете се, зашто Јас сум со вас; Јас ќе ве закрепам и ќе ви помогнам“ (сп. Ис 41, 10).

Со братска љубов,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

СТЕФАН