Сочувство по повод упокојувањето во Господа на Албанскиот Архиепископ Анастасиј (25.01.2025 18:50)
До чуварот на Архиепископскиот трон на
Албанската Православна Црква
Со голема тага ја примивме веста за упокојувањето на Неговото Блаженство Архиепископот на Тирана, Драч, и на цела Албанија Анастасиј.
Албанската Православна Црква, но и Православието во целост, со преминувањето на блаженоупокоениот Aрхиепископ Анастасиј изгубија светол евангелски маж, трезвен и мудар пастир втемелен во светото православно Πредание, просветлен богослов на Триединиот Бог, чувар на канонскиот поредок во Црквата и смирен подвижник на благодатта Божја. Неговото благословено и богопосветено дело за Πравославието во Албанија е рамноапостолно, зашто тој толку го возљуби албанскиот народ што стана вистински образец на љубовта Христова, сведочејќи ја љубовта што обединува, љубовта лишена од поделби, љубовта во која нема веќе ни Јудеец ни Елин, зашто сите сме едно во Исуса Христа (сп. Гал 3,28).
Новопретставениот Архиепископ Анастасиј, сè што поседуваше, сета своја животна енергија и секој Божји дар со кој беше удостоен, несебично ги положи како жртва за своето возљубено паство кое во него препозна пастир добар кој животот свој го полага за овците свои (сп. Јн 10,11). Благословениот труд на блаженоупокоениот Архиепископ Анастасиј се препознава во од темел обновениот црковно–литургиски живот кај православните верници во Албанија и неговиот суштински удел во возобновувањето на сестринската, и со углед украсена ширум Православието, Албанска автокефална Православна Црква.
Ваше Високопреосвештенство,
Дозволете Ни во овие тешки мигови за Албанската Православна Црква, во Наше име, и во името на Светиот Архијерејски Синод, свештенството, монаштвото и на сите верни чеда на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, да Ве уверам Вас, како и останатите браќа архијереи на Вашата Црква, но и сите верни чеда и почитувачи на делото на Архиепископот Анастасиј, во нашата искрена и сострадална во Христа љубов со сите вас.
Споделувајќи ја тагата со Вас и со полнотата на Албанската Црква за упокојувањето на Архиепископот на Тирана, Драч, и на цела Албанија Анастасиј, Го молиме Христа, Кој и Самиот е Живот и Воскресение (Јн 11,25), душата на блаженоупокоениот првојерарх Анастасиј да ја насели во местата на покој, во прегратките на праотецот Авраам и во населбите на праведниците.
Бог да го прости! Споменот нека му биде вечен!
Претседател на Светиот архијерејски синод на
Македонската Православна Црква
– Охридска Архиепископија
Архиепископ Охридски и Македонски
† СТЕФАН