Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Од епархискиот управен одбор и источноамериканското архиерејско намесништво на Американско-канадската Македонска Православна Епархија (12.06.2005)

До Светиот Архиерејски Синод на

Македонската Православна Црква

 

 

            Ваше Блаженство,

            Ваши Високипреосвештенства,

 

            Будно ги следиме последниве настани околу скандалозното и неканонско мешање на Српската Православна Црква во внатрешните работи на нашата  Македонска Православна Црква, признавајќи паралена црква во Република Македонија. Затоа, од име на Епархиското собрание, на Епархискиот управен одбор на Американско-канадската Македонска Православна Епархија, од име на Управните одбори, свештенството и верниците при Македонските Православни Цркви во Епархијата и од свое име, би сакале да Ве информираме со следново: 

            Со индигнација и презир ја отврламе одлуката на Соборот на Српската Православна Црква за признавањето  на таканаречената “автономна Охридска Архиепископија“, вештачка творба, која не е ништо друго туку уште едно негирање и обид за наше црковно-национално разнебитување. Таквата одлука уште еднаш, посилно од било кога, на дело го манифестира големосрпскиот вековен хегемонизам, националшовинизам и етнофилетизам, таа не само што нема никаква канонска основа, туку е спротивна на сите морални принципи, на кои се темели Светата Христова Црква. 

            И овојпат ја изразуваме својата синовска лојалност и му даваме сецела поддршка на Светиот Архиерејски Синод на нашата Света Светиклиментова Македонска Православна Црква, во напорите за запазување на автокефалниот статус, името, духовното единство и интегритетот на МПЦ, што непосредно значи и запазување на државноста на Република Македонија и националниот идентитет на македонскиот народ.

            Ве уверуваме дека  свештенството и македонските православни верници од дијаспората на Северноамериканскиот континент се цврсто сплотени под закрилата и омофорот на својата Мајка Светата Македонска Православна Црква.

            Во тој контекст,  ги покануваме нашите истородни и истоверни браќа и сестри во Република Македонија и секаде кајшто нѐ има да продолжат да го слушаат гласот на Добриот Пастир гласот на Мајката Црква, а не гласот на наемник (ци), одродници и лажни пророци.

            Апелираме до претставниците на власта во Република Македонија, со сите законски средства да го оневозможат дејствувањето на расколничката енклава на предавникот и одродникот Зоран Вранишковски и неговата малубројна чета, за да не посејат раздор меѓу македонските православни верници, уривајќи го на тој начин темелот на нашето црковно-национално битисување.          

            На крајот, во име на Епархиското собрание и Епархискиот Управен Одбор на АКМПЕ, молитвено посакувајќи - “да свети пред луѓето вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават нашиот Отец небесен” (Мат. 5, 16), молиме свет архипастирски благослов, на Вашето Блаженство и на Светиот Архиерејски Синод, сеоддани духовни чеда,    

 

                                                                                                                        Архиерејски заменик,                  

                                                                                                   Протоереј-ставрофор Бранко Постоловски 

                                

                                                                                                                       

                                                                                                потпретседател на Епархиското собрание на АКМПЕ,

                                                                                                                              Борис Веловски