Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сочувство (23.06.2025 21:04)

До

Неговото Блаженство г. Јован Х,

Патријарх Антиохијски на целиот Исток

Ваше Блаженство,

Со неизмерна болка и длабока душевна тага ја примивме веста за ужасниот терористички напад кој се случи на 22. 06. 2025 г, во храмот „Свети Илија“ во Дамаск, во кој животот го загубија многубројни православни христијани. Сторениот стравотен злочин ги потресе не само христијаните во светот, туку и сите луѓе со љубов и добра волја.

Осудувајќи го ваквиот грозоморен чин, дозволете Ни од Наше име и од името на браќата архијереи, и од сета понота на МПЦ – ОА, да Ве увериме во нашата искрена и длабока сострадалност, целосна поткрепа и усрдна молитва за Вас и за возљубената, страдална и маченичка Антохиска Православна Црква. Едновремено, заедно со Вас, ја очекуваме брзата реакција на надлежните власти во пронаоѓањето и санкционирањето на одговорните за ваквиот злостор.

Ваше Блаженство,

Дозволете Ни, уште еднаш да го изразиме Нашето срдечно и длабоко сочувство кон Вас, кон семејствата на трагично постраданите антиохиски новомаченици, и кон сите антиохијски христијани.

Триединиот Бог, Кој Самиот е Љубов, Крепост и Утеха, нека ги упокои душите на постраданите во лоното Аврамово, нека им даде скоро закрепнување на повредените, нека им биде постојана утеха на семејствата на жртвите и нека Го испрати Својот драгоцен мир врз полнотата на маченичката Антиохиска Црква.

Со братска љубов во Распнатиот и Воскреснат Христос

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

СТЕФАН