Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Гетсиманска молитва /со епилог/ (17.06.2005)

Тешките емоционални состојби, како што е измачувачката желба за проширување на дометот на црковно-државната власт и фрустрациите од библискиот, историскиот и, што е за нас најважно, пастирскиот факт на постоењето на македонскиот народ, како и од неостварените „пророштва“ за сушењето на отсечената гранка од кои не можат да се ослободат некои од членовите во Соборот на Епископите на Српската Православна Црква, нам ни ги зголемуваат напорите во молитвата, капките крвава пот и воздишките: „Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја туку Твојата!² Емоциите и фрустрациите (непреобразените страсти) во време на решавање на некои сериозни прашања во Црквата треба да се освестат и исклучат, а не да се потхрануваат, бидејќи во спротивно предизвикуваат затемнување на умот. И наместо да се види пастирската грижа од работата на Епископите, пред сѐ за зајакнување на црковното единство, во таква ситуација, кога доминираат страстите, се губи способноста дури и за објективно расудување, и се донесуваат црковно неиздржани одлуки кои предизвикуваат раздори. А што и кому да зборуваме веќе за просветлување на умот и за умносрдечна молитва?

            Македонската Православна Црква, возобновената Охридска Архиепископија, со Божја помош, ќе го исполни, односно нема да отстапи од патот Христов: Крстот, Смртта, Слегувањето во адот, тридневното Воскресение и Вознесението на небесата. Другата страна на спорот, Соборот на Српската Православна Црква, како „мудар духовник“, по сѐ изгледа несвесно ни ги дозира неопходните страдања. Секако, не мораше да го минуваме патот што го минаа сите други помесни Православни Цркви, да страдаме од своите, бидејќи доволен е и прогонот што сега се случува, но тоа не нѐ плаши. Му благодариме на Господа што нашата Црква ја воделе, ја водат и ќе ја водат Епископи што го поминале патот на распнување, погребување и воскресение на умот во срцето и коишто постојано ни го покажуваат патот на љубов и кон непријателите. Зар оние што нѐ заплашуваат со суд мислат дека оној што го прифатил јаремот Христов да биде Епископ во Црквата на Македонија претходно самиот себеси не се осудил на крст и смрт? И што ново ни велат некои од браќата српски Епископи повикувајќи нѐ да се откажеме од своите духовни чеда со сопствена крв стекнати, и да им се придружиме во нивниот политички проект означен како „ПОА“, (таканаречената Православна Охридска Архиепископија)? Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Другите ги спаси, а Самиот Себеси не може да се спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: Син Божји Сум!² (Мат. 27, 41 - 43).

            Ако десет или петнаесет Епископи на Соборот во Белград веќе решиле да донесат одлука за наше дискредитирање, а притоа не го испитале одекот на одлуката меѓу нас, во нашата Црква, тогаш многу ќе промашат, особено бидејќи не го земаат предвид народното „амин”, коешто секогаш само нему (на верниот народ) му припаѓа и коешто тие го немаат. Народното „амин“ е суштинско и неотуѓиво право на верниот народ да ги потврдува или не одлуките на ерархијата, што произлегува од Соборноста и од Литургијата на Црквата. Тука престанува да важи (функционира) секаков вид на клерикализам и неконтролирано одлучување на високиот клир. Тоа значи дека која било одлука на Соборот на Српската Православна Црква во врска со нас е невалидна, би рекле нерефлексивна, ако нема одек и потврда и од другата страна на олтарот: како кај македонскиот верен народ, кого заради непризнавањето на идентитетот пастирски го промашуваат, така и кај српскиот, чии потреби и грижи за спасение не ги одразуваат. А ако српските Епископи немаат пастирска основа, односно го немаат аминот на оние што тие ги возглавуваат, затоа што српскиот верен народ никогаш не побара од нив интервенција во нашите пастирски проблеми, кого тие тогаш претставуваат? Просто да се исплаши човек ако размислува во тој правец. Погоре напишаното особено важи за одлуките коишто ерархијата ги донесува по прашања што не се од догматски ниту од канонски карактер, a коишто се надвор од нејзината канонска јурисдикција и непосреден пастирски интерес, како што е на пример прашањето за името на нашата Црква, каде што пак одлуката на верниот народ е пресудна. Секако и другите Цркви нема да го признаат политичкиот проект наречен „ПОА“, особено не Бугарската и Романската, кои најдобро знаат со што и со кого си имаат работа.

            И на крајот, за да биде појасно ова што го пишуваме, треба да откриеме што е целта на сѐ што досега и што по сѐ изгледа отсега ќе преземаат некои од српските Епископи затскриени под превезот на Соборот на Српската Православна Црква. Целта им е да соберат критична маса народ којашто е потребна за некоја одметната, малубројна и безначајна, навидум црковна организација, всушност политички проект како што е „ПОА“, да стане, според нив, ефективно легитимна Црква. Оваа цел во суштина е неостварлива, а тие што сакаат на секој начин да ја остварат се неспособни да влијаат врз верниот народ во Република Македонија и да направат некаков вид општоприфатлива промена во тој правец. Впрочем, имаа можност во последните три години да соберат народ околу паралелната ерархија што од надвор и насилно ја инсталираа, но ништо значајно не се присобра околу нивните идеи, и тоа од едноставна причина што ерархијата (дел од српската заедно со паралелната) пастирски го промаши нашиот верен народ и пребива во лага ­- наместо на сите да им станат сѐ за да ги приведат кон Христос, тие на сите им кажуваат кој е што: не сме биле Македонци, Срби сме биле?! Неверојатно извитоперување на Евангелието!

            И ако сето ова е вака, а секој и малку разумен и добронамерен човек знае дека е така, не е ли тогаш добивањето томос за автономија на „ПОА” еквивалентно на добивањето на триесетте сребреници на предавникот Јуда како цена за Непроценливиот? Зарем томос без народ е наградата за раскол и предавство на својата родена Црква и предавство на своите духовни отци - повредувајќи ги со клинци, забодувајќи им копје и поејќи ги со оцет и жолчка? Нашата молитва и срдечна болка е не да се обесат како што направи Јуда Искариотски, туку кога ќе им истече даруваното време за покајание и кога ќе се сетат што направиле да се покајат и да се вратат таму од каде што отпаднале и каде што вистински ги љубат и ги чекаат. Историјата покажала дека секогаш откако предавниците ќе се искористат, како веќе непотребни, се отфрлаат. А ако пак знаеме дека на раздорите во Црквата, макар и административни, им се радува само ѓаволот, тогаш оној којшто со својата одлука ги предизвикува тие раздори, треба да размисли малку за кого работи и чија волја исполнува. Да се додели томос за автономија на одвај стотина проблематични луѓе, а истовремено да се отфрлат три милиони православни христијани, и тоа во време кога Црквата во современиот свет е изложена на најсуптилен прогон е навистина загрижувачки автодеструктивно. Развијте ја мислата за паралелна ерархија во Република Македонија докрај, па ќе видите кон кој апсурд ве води!

            И за да се изоди патот на прелеста докрај, ’последната состојба ќе биде полоша од првата’, можно е да направат официјално, а веќе и прават неформално, обиди за духовен терор и за заплашување на верниот народ: дека нашите Свети Тајни (Крштение, Причест, Брак) не се исполнети од Светиот Дух, дека нашите Епископи не се достојни и дека нашиот верен народ нема да се спаси. Просто да ги праша човек дали се тоа нивни желби или стварно во тоа веруваат? Тоа се тие нивни лоши ориентации на отфрлање на поуките од Евангелието и од Светите отци на Црквата, кои неминовно водат во положба на истакнување на сопствената „светост“, а покажување (озлогласување) на нашата „профаност“. Тоа е највисок степен на самољубие за којшто се предупредени сите пастири до крајот на векот преку евангелската парабола за неблагодарните лозари׃ Ајде да го убиеме наследникот и наследството ќе биде наше (Марко 12, 7). Наследникот (’Епископите на Македонската Православна Црква’) го убиваат, односно го дискредитираат, со намера да го присвојат духовното лозје (’верниот народ’) и да го одгледуваат на таков начин што лозјето да носи плодови не подобни за Господарот на лозјето, туку соодветни за задоволување на нивните националистички и други страсти. Веќе видено кај нас, меѓу 1918 и 1941 година, а и претходно. Што ќе направи, пак, Господарот на лозјето (Марко 12, 9)?

            Ако сме едно во Христа, во што длабоко сме уверени, зошто не ги погледнат плодовите на покајанието на македонскиот народ, „на отсечената гранка“, што би било најнормално во ваква ситуација (нели Господ рече по плодовите ќе се препознаваме? – сп. Мат 7, 20): возобновувањето на монаштвото, активниот литургиски живот, исповедта на мнозина, сенародниот пост, копнежот за видливо евхаристиско единство и со останатите православни браќа, изборот на нови Архиереи од редот на монаштвото, плодови со кои и некои признати Цркви не можат баш да се пофалат и коишто Господ единствено ги бара од нас. И наместо да се препознаеме по плодовите, ние се делиме заради гранките, а се гордееме со лисјата и нивната сенка. Па на крајот се чудиме зошто народот ни живее во темница и сенка смртна (Мат. 4, 16). Не можеме да поверуваме дека сѐ уште се обидуваат да убедат некого дека возобновувањето на православниот духовен живот во Македонската Православна Црква е само привид и голема измама, дека Христос не воскресна туку дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа (Мат. 28, 13).

Уште еден совет да им дадеме: нека пробаат да го убијат пастирот, согласно она што ѕверски го правеа - со одобрување и на дел од нивниот клир - од 1918 до 1941 врз македонскиот народ во делот на од нив окупираната Македонија, па ако успеат, тогаш да видиме дали стадото навистина ќе се растури. Доста убиваа, и се обидуваа да убијат само духовно, од 1967 до денес. Нека почнат повторно и кај нас телата да ни ги убиваат, барем за тоа докажаа дека се способни, а и за нас полесно и подобро. Боже прости им, не знаат што прават! 

А сега и еден совет и потсетување за сите нас: никогаш на злото што ни го прават некои од српските Епископи, затскриени зад Соборот на Српската Православна Црква, да не вратиме со зло, за да не Го изневериме Христос и патот по кој Он врви. Најубаво е духовниот терор што доаѓа од нивна страна да го прифатиме како еквивалент на прашањето ’ме љубиш ли?’, односно злото да го прифатиме како предизвик и испит на нашата христијанска љубов. Тоа е што се однесува до љубовта и кон „непријателите“. Ако ги немаше искушенијата, никогаш немаше да знаеме што имаме во срцата наши, никогаш немаше да се исцелиме и духовно да растеме и зрееме. Најновите случувања ќе бидат конечен испит и проверка на духовната зрелост и посебен духовен идентитет на нашиот православен народ. Му благодариме на Бога што возобновувањето на православниот духовен живот во Македонската Православна Црква го прими како наша подготвеност за овој последен испит на зрелоста. Знаеме дека само со Негова помош ќе ја добиеме и оваа битка.

 

Митрополит Струмички Наум

со ипоѓаконите Лаврентиј и Григориј