Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (27.05.2026 14:08)

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во полн состав, одржана на 26 мај 2026 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со животот на нашата Света Црква. Светиот синод ги разгледа и ги усвои годишните извештаи од епархиите на МПЦ – ОА во татковината и дијаспората при што обрна посебно внимание на оние показатели кои сведочат за демографската состојба кај македонскиот православен народ.

Воден од пастирска грижа, Светиот архијерејски синод, одлучи да формира Фонд за поткрепа на многудетни семејства.

Разгледувајќи ја состојбата на духовното и културно богатство на македонските храмови и манастири, Синодот со жалење констатираше дека заради немање доволно стручни кадри кои би го конзервирале, тоа се наоѓа во лоша состојба. Светиот Синод апелира до надлежните институции неодложно да преземат соодветни мерки со цел да го зачуваме она што ни е оставено од нашите претходници.

За нов член во постојаниот (работен) состав на Синодот беше избран Митрополитот Струмички г. Наум, а негов заменик Митрополитот Европски г. Пимен. Исто така, Синодот формира комисија за решавање на материјалната состојба на новоформираните епархии.

Како основач на воспитно-образовните институции при МПЦ – ОА, Синодот ја поздрави работата на Управата на Богословијата, која учебната 2025/26 година спроведе наставна програма од 4 години, а денот за упис на нови ученици ќе биде на 19 јуни 2026 година.

 

Од канцеларијата

на Светиот архијерејски синод на

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија