Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Човекот просто влече за јазик (23.06.2005 14:38)

Што да му одговориме на човекот (Епископот Бачки) од којшто дознаваме дека „игрите без граници“ имале покрај свое ’зошто’ и ’пошто’, односно дека играчите ги играле за извесен паричен надомест? Фала Богу што човекот одвреме навреме чувствува потреба за јавна исповед и така ги потврдува информациите на разузнавачките служби што ги слушнавме преку медиумите, а што и претходно беа јавна тајна, за одредени грчко-српски политичко-финансиски зделки!

Но, да почнеме по ред. Прво вели дека тоа што го изјавува го прави со овластување и благослов на Неговата Светост, Патријархот Српски, а во име на Светиот Синод на Српската Православна Црква. На ова би му одговориле вака: ако може, во тоа прво нека се обиде да го убеди Патријархот Српски, а потоа и останатите српски Епископи, па на крај и ние ќе му поверуваме. Со оваа своја изјава, човекот, само се легитимира како еден од главните заговорници на идејата и политичкиот проект за српски егзархат или од почеток и допрва создавање на паралелна црковна ерархија во Република Македонија, со несреќно избрано име. И уште, покажува дека е лично засегнат и се чувствува одговорен за успехот или неуспехот на овој проект.  

Човекот, пак и пак го користи изразот ’така наречена Македонска Православна Црква’ и повторно со тоа сака да каже дека не признава македонска држава и македонски народ. Заборава, пак, сиротиот дека Црквата не е место за самодокажување на сопствениот национален идентитет. Во Ниш потпиша нацрт-договор дека нашата Света Црква во своите меѓусебни односи со Српската Православна Црква „ќе може да го користи името коешто и досега во повеќедецениската пракса го користела“, а тоа значеше ’Македонска Православна Црква’, а не ’така наречена’ како што сега од мака ја нарекува. После, секако, не забележувајќи ја комичноста на својата положба, луташе по светот објаснувајќи како некој си ги погазил потписите, а тоа е самиот тој и нему сличните. Затоа што, сè што Епископот прави, па и кога потпишува нешто, тоа го прави заради единството на Црквата, а не за да создава раскол. Духот и целта на договарањето со Српската Православна Црква и потпишувањето на нацрт-договорот беше единството на Црквата. Тоа беше повеќегодишен процес што уште требаше да трае, а којшто Српската Православна Црква еднострано го прекина прелажана од ветувањата за успехот на егзархатот. Актуелната пастирска состојба, од оние што  треба да внимаваат на себе и на своето словесно стадо, секогаш бара соодветно просветлено дејствување, а отфрлање на демонските помисли и предлози.

Не е точно дека како гласноговорник и толкувач на ставовите на Патријархот Алексиј Втори, односно на Руската Православна Црква, се јавува амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија. Сите македонски медиуми (а не „скопски“, како што му лежи на срце да именува на Епископот Бачки), како и нашиот сајт (www.mpc.org.mk), се повикаа на изјавата на Рускиот Патријарх, чиј дел впрочем ние презедовме од официјалниот сајт на Руската Православна Црква и за што после нашиот превод назначивме линк кон текстот на оригиналот објавен на сајтот на Руската Црква. Значи, Рускиот Патријарх Алексиј Втори е тој што изјави дека е против таков начин на решавање на спорот, односно со создавање на паралелна ерархија, а не амбасадорот на Руската Федерација, господинот Агарон Асатур, што може лесно да се провери на www.patriarchia.ru сајтот. Очигледно е дека Српската Православна Црква овојпат пораката од Руската Православна Црква ја доби на овој начин.

Одлично си признава човекот дека доделувањето Томос за автономија на Српскиот егзархат во Р. Македонија е нивна одлука која се однесува на внатрешниот живот и устројство на Српската Православна Црква и дека ниедна друга сестринска помесна Православна Црква нема што да одобрува или да не одобрува таков вид одлуки, но добро е претходно, заради усогласеност во нивните заеднички изјави, да се договорат со своите егзархисти, кои, наспроти нив, постојано бараат некаква потврда од надвор и никако да ја добијат. Кога потврдите не доаѓаат, тогаш одеднаш не им требаат, односно како што вели народната „грозјето е кисело“. Инаку, ако работите се гледаат само административно и политички, што е својство на оние што немаат Дух во себе, секако дека проблемот е внатрешен, но ако ги гледаме онака како што треба, од перспектива на едното Тело Христово, тешко се објаснува теоријата за внатрешен и надворешен црковен проблем.

Понатаму, од една страна тврди дека „Српската Православна Црква е автокефална Православна Црква и ниедна друга сестринска помесна Црква не „ги одобрува“ нејзините одлуки што се однесуваат на нејзиниот внатрешен живот и устројство“, а од друга страна изјавува и се повикува дека „Српската Православна Црква го издаде Томосот откога им стана јасно дека Македонската Православна Црква нема намера да го прифати сеправославниот (значи не само српски!) став“. Очигледно е дека таков сеправославен став не постои како што е и очигледно дека човеков си тврди што и кога си сака: еднаш не му треба никакво одобрување, а другпат му треба сеправославен став. Поарно да не биде толку самоуверен и да си ја проверува логичноста на своите текстови и изјави.

Точно е дека од 1921 до 1940, за првпат во својата дваесетвековна историја, епархиите на сегашна Р. Македонија, само дваест години, се најдоа под фактичка канонска јурисдикција на сегашната Српска Православна Црква, но за да имаме целосна слика на проблемот треба да знаеме дека Охридската Архиепископија беше неканонски укината од Цариградската Патријаршија со помош на турската државна власт во 1767 година, како и тоа дека Српската држава ги купи тие епархии од Цариградската Патријаршија на име на Српската Црква. Треба да се знае и дека власта врз така купените епархии ја спроведуваа со многу пролеана крв, македонска и српска, и со физички и духовен терор, како и тоа дека српските епископи како наемници, а не како вистински пастири, први побегнаа кога бугарската војска во 1941 година го освои и тој дел од Македонија. Темата за теророт на српските окупациски сили во Македонија и за нивниот геноцид врз македонскиот народ е тема што допрва ќе ја отвориме.

И на крајот, Епископот Бачки изразува надеж дека спорот околу расколот во Р. Македонија ќе биде деполитизиран и уште тврди дека се знае добро кој тоа го политизира овој спор. Но еве како тој го користи познатиот демонски метод на пласирање полувистини, односно еве како ја спојува лагата со вистината, за да ни ја подметне лагата како вистина: „Едно е сосема извесно: (спорот) не го политизира Српската (што е лага!) ни Руската Православна Црква (што е вистина), а ни Православната Црква во својата целина и полнота (фраза што се користи како параван зад којшто се кријат епископите заробени од световната политика)“. А кој тоа го политизира овој спор? Едно само ќе го прашаме човекот: зар не беше тој самиот што во манастирот Бигорски во 1999 година на официјална средба со нашата делегација тврдеше дека нашата Црква може да се нарекува Македонска Православна Црква, но никако Охридска Архиепископија, бидејќи таа била бугарска, грчка и српска (!?) и зар не беше истиот тој што само година и пол подоцна тврдеше дека нашата Црква може да се нарекува само Охридска Архиепископија, а никако Македонска Православна Црква? И зар мисли дека немаме писмен и аудио запис од она што е кажано? Навистина многу големо и спорно догматско и канонско прашање е прашањето за името... И ова не е политизирање на црковен спор? Срамота!

Треба да се запамти дека: секогаш кога помесните Цркви не можат да ги восогласат своите ставови за прашања што не се од догматски и канонски карактер, а на очигледна штета на црковното единство, значи дека црковните лидери се вплеткани во световна политика. Ова особено важи за оние што негираат име на помесна Црква, што го превидуваат пастирскиот факт за постоење на македонскиот народ (кога веќе библиски и историски факти не признаваат) и коишто напразно се надеваат дека канонскиот факт за постоење на помесна Православна Црква, односно постоењето на Македонската држава, на некој волшебен начин ќе исчезне.

 

(http://www.spc.org.yu/Vesti-2005/06/20-6-05-c.html#pod)

oд редакцијата на web site-от

на Македонската Православна Црква