Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Лажи, лажи Вере...! (27.06.2005)

Добро, душички, немате ли некој попаметен за да ви ги подготвува вестите или подобро лагите што постојано преку вашиот web site се обидувате да ги пласирате во јавноста? Разбирливо ни е што се служите со лаги, не ви е првпат, но зар уште не сфативте колку ви е важно да имате некој што точно ќе ја дозира количината на лагата на вестите од вашиот или од српскиот сајт, сеедно, за да може јавноста да ја прими? Затоа што сè што е предозирано тешко се прифаќа, и вистина и лага. Тоа требаше да го знаете од општоживотен опит. Или немате никој школуван помеѓу вас? Додуша, ако ви ги собереме дипломите, сите заедно (освен еден) едвај средно училиште имате завршено. Кога ви велевме ’учете школо, деца!’... Значи, и така само виртуелно постоите, не ја пропуштајте можноста за ваша медиумска промоција!

            Што ви значи тоа на пример што го пишувате осуден на тешка робија? Додека бевте во еднодневен притвор во Битола лани, ве оставија заедно, односно не ве одделија машки од женски, ви ги оставија и мобилните телефони, па пискавте по цел свет барајќи помош (онака, од желба за мачеништво) и си порачувавте сендвичи какви сакавте од полицајците. Што би било за вас ’тешка робија’? Дали кога би ви ги зеле мобилните или кога би ве одвоиле посебно или кога не би можеле сендвичи да си нарачувате какви сакате? Просто не знае човек што потешко од ова би ви паднало. Само една тешка робија постои за вас, душички, заради која совеста луто ве кори и од која бегате како ѓавол од крст, а тоа е подвигот на послушание кон духовниот отец до отворањето на срцето за умносрдечната молитва. Онака како што беше монашкиот ред, којшто вие го прекршивте.

            Или што ви значи тоа „како и многупати досега, за судење на епископите, на свештениците и на верниците на ПОА, Судот во Република Македонија се покажа како циркус“? Знаете ли вие дека секогаш кога самите за себе ќе го употребите прилогот за количина „многу“ и граматичката форма на именките во множина обично паѓате во голема лага? Затоа што ѓаволот и суетата толку многу ве измамија, што како „пастири“ толку многу отидовте „пред“ своето словесно стадо, односно пред својот народ, што луѓето не можеа да ве „следат“. И останавте толку многу малку, и толку многу осамени, што е просто очајно. А толку многу се свртевте против и плукате по својот народ или поточно по луѓето меѓу кои израснавте, што просто пријатно изненадува народното трпение. Значи, немало многу процеси против повеќе ваши луѓе, туку вистина е ако кажете дека имало само два судски процеси против еден ваш човек, од кои едниот завршил со условна осуда, а другиот со казна затвор, а сè друго е лага. Во тек е и трет судски процес против истиот човек, заради ’финансиска проневера’. Никој друг не е суден и прогонуван од вас, иако има добра основа и за тоа.

            Што пак ви значи тоа: ’судот денеска во 21 век ѝ суди на православната вера’ на вашиот предводник? Кое тоа догматско прашање или проблем од верата беше претресуван на судскиот процес во Битола? Секако немаше такво нешто, а вас пак ве однесе матицата на лагата. А убаво од порано ви напишавме: „Едно е органите на извршната и на судската власт да го прогонуваат и да го судат некого без никаква причина, а друго е да го прогонуваат и да го судат заради нарушување на туѓо владение, или заради јавна навреда врз верска основа, или заради некое друго кривично дело (на пример: проневера на многу пари). Во Република Македонија постојат повеќе верски заедници, но ниту една од нив не го узурпира имотот на некоја друга и ниту една во своите верски календари и во своите јавни гласила, ниту во печатените и електронските медиуми, не ги навредува највисоките претставници на некоја друга верска заедница. Ако ова се случи, тогаш органите на извршната и на судската власт, нормално, ќе интервенираат. Некогаш по службена должност, некогаш по барање на оној што претрпел штета, во зависност од делото. Сите видовме како Бугарската држава го заштити имотот и интегритетот на Бугарската Православна Црква.“ Како и: „Затоа секојпат кога така јавно ќе клеветите и навредувате на највулгарен начин, само вам својствен во последно време, добро е за вас и за вашето духовно созревање да бидете тужени пред надлежниот суд, за да го напуштите таквиот пат како начин за придобивање на следбеници, а да го одберете вистинскиот пат на внатрешно восовршување и здобивање со плодовите на Духот. Веруваме дека во секое цивилизирано општество би наишле на сличен прием и реакција од страна на власта, со оглед дека таа преку правниот систем ги штити вредностите на граѓанското општество на соодветен начин.“

            Исто така, таман работа ако нарушување на туѓо владение, јавна навреда врз верска основа, проневера на црковни пари и многу други работи - да не збориме сега - се дела што ги красат оние што ја претставуваат, како што велите, Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква!? Ако така мислите, кого ли тогаш вие претставувате?!  Што се однесува пак до Цариградскиот Патријарх кого го спомнувате, секако дека тој не може да се најде во Битола, затоа што ние православните откога административно ќе се разединиме повеќе претпочитаме и полесно ни е да одиме во Рим отколку да се посетуваме меѓу себе. А Рускиот Патријарх, којшто го осуди вашето делување, напразно го спомнувате. Тој може да биде само почитуван од нашиот верен народ. И не се повикувајте на сите Цркви и не очекувајте поткрепа од нив, како и не се залажувајте дека Епископи од други помесни Православни Цркви немаат евхаристиска заедница со нас! Знаеме дека многу непријатно ќе се изненадите ако ви кажеме дека меѓу сите што ’имаат’ има и Епископи Грци. Само толку, како средство за отрезнување од прелеста...

            И стварно многу си давате на значение: ’Денес ѝ се судеше на историјата на Република Македонија и на нејзината иднина’. Стварно ли го мислите тоа или тоа е некој ваш поетски начин на изразување? Душички мили, точно е дека иднината на еден народ и на една држава може да се поврзе и со личноста на еден човек, но тој треба да биде свет. А знаете барем толку дека ’светост’ за нас православните значи ’обоженост’, значи ’непрестајна умносрдечна молитва’, значи ’љубов кон непријателите’. Исто така знаете дека ниту вие ниту некој од вашите редови може да ја има умносрдечната молитва. Затоа, не ја поврзувајте иднината на Македонија и на македонскиот народ со вас, а особено немојте затоа што сите знаеме дека вие не се чувствувате како припадници на македонскиот народ ниту ѝ мислите добро на Македонската држава.

            И уште нешто: како што ќе се приближува крајот на светот и векот, а знаците на апокалипсата се тука (на пример српски егзархат во Македонија под име ’Православна Охридска Архиепископија’!), и како што ќе се намалуваат носителите на дарот на непрестајната умносрдечна молитва, иднината на еден народ и држава можеби ќе може да се поврзе и со еден обичен човек кој ќе има само обична умносрдечна молитва.  

 

од редакцијата на официјалниот web site

на Македонската Православна Црква