Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Демистификација на една финансиска проневера (29.06.2005 14:38)

По повод изјавата на бившиот Повардарски Митрополит дадена за телевизијата ’Канал 5’, а која мене делумно ми беше прераскажана телефонски, сакаме да го потсетиме човекот и оние неколкумина што евентуално му поверувале, за следното: ако тој без ниту еден ден престој во манастир и без никакво откажување од овој свет се осмели да се фали самиот себеси дека не се исплашил од народот и го направил тоа што го направил, тогаш во безумство заради Христос велам, ќе се осмелам и јас (2 Кор. 11, 21) кој еднаш и засекогаш умрев за овој свет (за татковина, за родители и роднини, за пријатели, за потомство и за имот) и отидов во манастир на Света Гора, каде што живеев осум и пол години сè додека не се вратив по Божја Промисла, заради нашата Света Црква, а на повик од Светиот Синод на Македонската Православна Црква?! Може да си замисли некој од што може да се исплаши оној што веќе еднаш умрел и којшто веќе еднаш од сè се откажал... Од никого и од ништо! Па ние не се плашиме од поглаварствата, од властите, од господарите на темнината од овој век, од поднебесните духови на злобата (сп. Ефес. 6, 12), односно од демоните и од самиот сатана, а камоли од обични луѓе, од нивната власт и множество. Смешно.

Она што ме донесе, она заради кое ѝ служам на Македонската Православна Црква и она заради кое сум спремен да си ја пролеам и својата крв и да не се откажам од нејзиниот Крст е Вистината. Тоа е Богочовекот Христос и полнотата на Неговото Предание кое непречено се случува во нашата света Црква преку апостолското преемство од времето на проповедта на Светиот апостол Павле на просторите на Македонија па до ден денешен. Сè додека сум јас жив како Епископ, ќе живее и Македонската Православна Црква, живо ќе се сведочи и нашата света Православна Вера негибната, и преку правилно пастирско раководство ќе се спасува и обожува доверениот ни православен народ. Верувам и знам дека истото го мислат и сите останати сегашни, но и идни Епископи на Македонската Православна Црква. Ако некој некогаш се обиде насилно да ја менува нашата света Православна Вера, ние бестрашно и одлучно го чекаме, исто како што и нас, во тој случај, ќе нè чекаат маченичките венци. Кој сака, нека нè испроба!

Би исповедал и рекол: кога е во прашање чистотата на Верата спремни сме сè да жртвуваме, а пред сè самите себеси, не жалејќи за ништо и не плашејќи се од никого. Спремен сум да оставам и епископска позиција, и она што со свој труд сум го создал и изградил, да бидам одделен и од доверениот ми верен народ, што најтешко би го доживеал, па дури и да бидам лишен од сопствениот живот, без оглед на маките. Подготвен сум заради чистотата на Верата да бидам маченик. Но, да го напуштам доверениот ми народ, односно моите духовни чеда, кои во големи маки сум ги родил и кои со голема доверба и љубов очекуваат од мене духовно да ги раководам, а заради српски или не знам какви национални и политички интереси, односно заради српското барање за промена на името и статусот (голем догматски проблем, нели?) на нашата света Црква, навистина не сум имал ни помисла, а камоли намера. Лудо е да се помисли дека Митрополитот Струмички Наум од позиција на место и образ Божји, од икона Христова, од Епископ на Божјата Црква би паднал на ниво да се прави страдалник, и тоа за српски национални и политички интереси. Глупости.

Кога бившиот Повардарски Митрополит вели дека не се исплашил од народот кога го направил тоа што го направил, кажува само пола од вистината. Другата половина од вистината е дека тоа што го направи го направи кога се исплаши за самиот себеси и за својата висока позиција во Црквата. До душа, немаше и што да загуби во моментот кога нè напушти. Ниту нешто материјално изгради во двете епархии што му беа доверени ниту изгради духовна заедница со доверениот му верен народ. Инаку, како ќе го оставеше? Што друго да заклучиме сите ние коишто знаеме дека пребегувањето во Српската Православна Црква го направи во време кога внатрешната контрола испратена од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ почна да открива многу неправилности во неговото финансиско работење? За ова се води и судска постапка. Тоа е целата вистина за човекот, а не прикаските што постојано преку медиумите ни ги раскажува. Тоа што на некои луѓе од високиот клир на СПЦ им се причини дека во него ја пронајдоа долгоочекуваната погодна жртвена фигура за нивната великосрпска национал-шовинистичка авантура на балканската политичка табла, тоа е нивна погрешна политичка проценка и одговорност. Кога нивната „духовна“ состојба како основа за погрешната политичка проценка би ја превеле на црковен јазик, иако тоа за нив не е соодветно бидејќи световно мислат и дејствуваат, би биле принудени да го употребиме терминот ’тешка прелест’. Жално.

 Значи, никогаш нема да им поверуваме на луѓето коишто се плашат само за себе и за својата позиција, а кои ништо не направиле и ништо не оставиле зад себе и кои заради тоа немаат што да загубат. Никогаш нема да им поверуваме на оние што не успеаа и не можеа да се најдат себеси во МПЦ, односно чија позиција во нашата света Црква, според нив, не одговараше на нивната висока идеја за самите себеси. Никогаш нема да им поверуваме на оние што фрустрирани од своите животни промашувања ја префрлаат вината од себе и ги клеветат Епископите на САС на МПЦ сакајќи на тој начин да предизвикаат сомнеж и раздор во Црквата за полесно да можат да дејствуваат. Никогаш нема да им поверуваме и никако нема да можат да нè привлечат оние кои со својот клеветнички начин на делување само покажуваат колку се празни и духовно сиромашни. Никогаш нема да им поверуваме на оние коишто пастирски го промашија огромното мнозинство од нашиот верен народ негирајќи го неговиот македонски национален идентитет. Никогаш нема да им поверуваме на оние кои се прават страдалници, но за туѓи национални и политички интереси, и кои немаат ама баш ништо заедничко со Светите маченици кои пострадаа за Православната Вера. Никогаш нема да им поверуваме на оние што само виртуелно, медиумски постојат, преку мистификација на своите неуспеси. И никогаш нема да им поверуваме на оние што „натежнале“ со ваков вид на плодови, сè додека не се покајат.

Добро, нели ве опоменавме пред некој ден да ги дозирате вашите лаги за да бидат прифатливи? Нели ја сфативте евангелската порака дека каде што е трупот таму и орлите се собираат?  (Лука 17, 37). И добро, нели ве поучувавме барајте го најнапред Царството Небесно (Мат. 6, 33), односно ’местото на срцето’ и клучот за него – умносрдечната молитва, а сè друго ќе ви се додаде? Што ви е проблемот?!

 

Митрополит Струмички Наум

 

P.S.

Жал ми е што после толку време ова морав да го напишам баш сега.