Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Псевдо-проблем којшто се користи за алокација на ресурси од други територии (05.07.2005)

Во овој меѓуцрковен спор (псевдо-проблем) не станува збор за оценка на перформансите (догматски, канонски..) што ние како Црква ги практикуваме за влез во заедница со останатите помесни Православни Цркви. Станува збор за отворен натпревар за интернационализирање (проширување на дометот на црковната власт кон други области) на националниот предзнак во Црквата (ГПЦ, СПЦ, итн.).

Во настојувањата да се изгради одржлива предност, на една Црква во однос на друга, како нова појава во Православната Црква, таа е соочена со „ненадеен” удар на поширок облик на виритуелно искушение (потесен облик би било личното искушение) креирано, единствено можно, само на црните миси на демонот, како директен спротивставувач на единството и љубовта на сите православни во Христа. Во ситуации кога нивото на конфликти е многу ниско или кога макро состојбата, на ниво на цела Православна Црква, не е погодена (барем досега) од настанување на општ, генерален конфликт (искушение што ги засега, по дефиниција, сите православни во светов) – во такви ситуации противникот на Христос вклучува тактика на стимулирање на нови појавни облици на искушенија, како што е национализмот во Црквата.

Општо–пастирскиот интерес мора да преовладува над поединечниот интерес, но некои фактори, како амбиции, себичност, игнорирање, придонесуваат да се намали општиот (Христовиот) интерес.  Методолошка важност за овој псевдо-спор (расправии за имиња) има Христовиот интерес кој е интеграција на народот внатре во Црквата, Кој не ја наруши нашата слобода, не бараше промена на нашиот личен или национален идентитет, ниту пак бараше да се истакнува националниот идентитет при интеракција на народот што верува во Него. Меѓутоа, зголемувањето на канонската јурисдикција и територијалното учество (увозна пенетрација, создавање паралелен бренд ПОА) на сметка на намалување на постоечките учесници во Литургијата во сопствениот двор, не можеме да речеме дека претставува продолжување на мисијата на Воплотувањето, како пример на општ интерес за привлекување на народот во крилото Божјо. Причина за ваквите настани е борбата, поединечниот интерес за фиктивно да се прошири власта. Токму овие фактори (политички во Црквата) само го потпомагаат виритуелното искушение (поширок облик искушение), а треба да биде искористено за преобразување на образот Божји во човекот (која националност е Христос?). Секогаш виртуелното искушение ќе биде причина за напната предрасуда и другиот да го гледам како национален, и секогаш тоа ќе се појавува како парализа во комуникацијата меѓу браќата во Христа.  Факторите само пречат во подготвување на народот за спасение, а од друга страна, укажуваат на потребата на општо покајание и отфрлање на сè она што соблазнува за да се избегне „гневот што иде”. Реално, всушност ништо не се проширува, ниту власта, ниту се одржува постојаниот број на учесници во Евхаристијата, а ниту пак постојат шанси да се зголеми бројот – користејќи го овој метод на истакнување национален предзнак во Црквата. Сето ова е фатаморгана и само концепциски халуцинации на поединци во највисоката Црковна хиерархија. Но, да го објасниме попрецизно виритуелното искушение, односно зголемување на територијалното учество (увозна пенетрација, создавање паралелен бренд ПОА). Борбата е за преземање на 0.5–те % или 8000 од верниот народ во Македонија (1.6 милиони православни) што комплетно го прифатил литургискиот живот, а притоа не се води сметка што само 0.1% или 7000 од верниот народ во Србија (7 милиони православни) што води литургиски живот. Истовремено се забораваат 99.5 –те % во Македонија и 99.9 –те % во Србија што не ги принесуваме до Вистината. Треба да нè загрижат номиналните христијани што во голем % се надвор од Црквата, и што сигурно ја набљудуваат борбата на двете Цркви. Парадоксот на оваа борба, е тоа што, како клир овозможуваме на останатите 99.7% да си изградат своја платформа (разбирање) за Црквата (едно говорат а друго практикуваат). Кенозисот со кој Божественоста на Словото беше сокриена во Воплотувањето имаше цел целото човештво (100%) да се приведе во заедница со Бог Света Троица. Позадината на сето ова е учество во „растечкиот пазар”. Најзаинтересирани секако би биле две страни: демонот којшто индиректно се спротивставува на плодовите во Црквата (во МПЦ): возобновување на монаштвото, активниот литургиски живот, зголемување на бројот што номинално доаѓаат во црквите, сенародниот пост итн. Директно орудие пак, во рацете на демонот се радикалните Епископи кои го истакнуваат проширувањето на власта и кои работат против себе и релоцирајќи ја својата алчност против својот народ. За двете заинтересирани страни (демонот и профитерите), секако најпримамлива е стапката на раст на верниците во Црквата, за едниот, тоа е можност за најрадикално оштетување на богочовечката врска, а за другите профитабилноста и високиот потенцијален раст. Значи, вака растечките показатели во МПЦ коинцидираат со можноста за профитна максимизација на радикалните Епископи, чијшто ентузијазам води кон диверсификација (проширување) во, за нив непознати, од пастирски аспект области. Всушност, тие не можат да привлечат кон себе од номиналниот (оние што само се нарекуваат православни) дел на православните, па затоа прибегнуваат кон политичките методи на освојување на тоа што веќе некој друг се потрудил да го трансформира и принесе пред Бога. Ако знаеме дека не е можно некој да биде (политички) поставен за лидер (Епископ) во Црквата, бидејќи лидерот и следбениците треба да се разбираат во меѓусебните односи, тогаш „српското оп(на)товарување”, имајќи предвид дека не може да влијае и да го одреди однесувањето на паствата во Македонија, тогаш во овој случај има улога само на раздвојување и соблазнување на Телото Христво. И кој има корист од сето ова? Целокупниот проблем претставува чиста сатисфакција на некои поединци, а наместо оној што влегол како Епископ во Црквата – кој се приближил до Словото Божјо – тој е запишан и ако не се борел прописно – ќе ги здобие санкциите што се пропишани низ целото Евангелие како „награда” за оној што врши соблазна на народот.

Факторите на политичко однесување, што во голем дел се присутни во псевдо-спорот на двете Цркви, креираат наместо пастирско однесување – однесување кое е целно ориентирано, виритуелно водство на демонот, а инсталирано (како спротивен метод на очистувањето од страстите) кај неочистените, кај оние што имаат лично очекување, оптоварени со идејата за високо мислење за себе, пошироки нивоа на аспирации итн.

Целиот овој проблем на признавање настана преку желбата за власт на поранешниот митрополит Јован, поткрепена (од отпаднатите) со чувството на намален циклус на активност, едновремена депресија и константни помисли за деперсонализација – дека е изгубен идентитетот на отпаднатите од старецот, појава многу ретка во Црквата и во духовниот живот на напуштање на духовникот. Никој не им ги намалуваше активностите, напротив секогаш условите на старецот беа поставени во насока на „професионален” развој (студирање и сведочење на монашкиот живот), па како последица ќе се создадеа внатрешни услови и за „кариерен” развој, што и навистина се случи – кај оние што беа потрпеливи и коишто го одбраа послушанието на духовниот отец за внатрешна промена на состојбите – сведоци сме дека веќе станаа или ќе станат Епископи. Но, користејќи го „разумот” и натрупаната глава со помисли, чување на индивидуалната перцепција само во себе наместо исповедање – тие се приклонија кон заклучување (осудување) за другите, како последица се интерпретираа во надворешни стимуланси за брзо постанување ерархија. Но кога нема да се исполни послушанието за развој што подразбира знаење, поистоветување на ставови, потребни за влијание во Црквата и кај народот Божји, тогаш кај нив се случи инфлационарно очекување и соочени со разочарување тие го напуштија старецот за подоцна да ја напуштат и Црквата од каде што прозлегоа, и тоа пак со некои нови инфлационарни очекувања. Каква полза од тоа? Нивната перцепција (висока идеја за себе) е нерешлива на идејно ниво, уште помалку се решливи на дејствено ниво кадешто секогаш се испречува порекнувањето на нормативната структура на вредности, еднаш дефинирана од старецот – сега во кое било друго дејствие не постои, за нив достоен, што ќе ги стави во нов нормативен ред. Развојот подразбира не само поседување на базична писменост, туку вклучува и базични технички знаења за служење (што целосно се здобиваат преку теолошките студии), интерперсонални способности (комуникација, меѓучовечки односи, убедување, преговарање – што се добиваат преку други интердисциплинарни студии), но и концептуално-интегративни способности на клирот во Црквата. Развојот (покрај духовниот што се подразбира) потребен е значи и интердисциплинарниот како средство коешто истовремено ќе овозможи регрутирање на паставата. Акцентот е на влијанието кон народот. Без влијание, генерирано од духовниот (очистување, просветлување, обожување) и интелектуалниот развој не може да се влијае на другите. Ова како процес не завршува само со привлекување на народот но и со грижа (да не ги промашиме нивните основни потреби за идентификување) кон нив. Уште повеќе што ова е двосмерен процес и другата страна има право на избор. Каузалитетот на немањето соодветен развој во двете насоки (духовна и интелектуална) резултираше со одделување на минијатурна, ерозивна група, што со тек на време ќе исчезне, како што ќе бледнее бесмислениот политички проект ПОА. Причината за одделувањето, секако дека е, нивно антиципирање на настаните за кариерен развој, знаејќи дека им се минимални шансите, имајќи ги предвид нивните едукативни белези, коишто во МПЦ се како базични критериуми во содржината на оценување на Епископскиот чин. Вака поставена когнитивна предрасуда, нивните шанси беа мали, речиси никакви во споредба со квалитетот и поистоветените ставови на овие што сега станаа Епископи во МПЦ, не им преостануваше друго освен да се приклонат и да ја поткрепат алокацијата на ресурси од овие простори. Овој показател е доволен дека тие што овозможуваат српско влијание за алокација, не и мислат добро ниту на Црквата во Македонија ниту на државата. Што повеќе би се анализирал овој псевдо-проблем? Не разбирам зошто тој би добил димензија на сеправославен проблем, кога имаме ситуација на масовно усвоена појава кај народот дека некој дозволува „однадвор” да се врши неправда. Ако во општествениот (меѓудржавниот) поредок се случува неправда, на еден во однос на друг поредок, во духовниот поредок (во Црквата) неправдата се победува во самиот себеси. Неправдата во општествените поредоци секогаш се случуваат заради други, но во духовниот поредок неправдата зависи посебно од секого. Заради тоа, првата неправда се победува со борба против другите, а втората преку борба со самиот себе. Ако сите водиме борба со самите себе, не само што ќе се создаде правда во духовниот поредок, туку таа вистинска правда ќе се излие и врз општествениот поредок (немаше да се случи општо одбивање на паралелниот и српскиот клир во Македонија). Но кога не постои борба со себеси, тогаш нема милост кон другите, туку постои максимално користење на слободата (дадена како лично посакување за помирување со ближните како услов за враќање на заедницата со Бога), а користењето на слободата подразбира користење на „легитимно” право да се врши агресија, одделување и присвојување, така што, толку далеку оди користењето на слободата што те прави толку „високо”, што си мислиш дека е легитимно да се присвојува со помош на „агресија од надвор”.

Од друга страна пак, кога станува збор за правилно усвоен метод за напредување во ерархијата, секогаш мора да биде пропорционална на нашиот духовен раст. Значи, способност е да се создаде впечатлива потреба и повик за Епископ на Црквата преку соодветен развој на „кариерата” на монахот, но никако преку изнудување, без дополнителни дејствија, туку со некаков вид на спонтано учество коешто ќе овозможи извлекување од гората (манастирот) заради повикот на Синодот којшто ги антиципирал неопходните карактеристики. Такви карактеристики  се поседување на посебна, повеќегодишна духовна „компетентност” црпена од изворот на центарот на Православието. Само овие карактеристики на Епископите овозможуваат внатрешно интегрирање на доверениот народ и обликување на конкретен збир на идеи и вредности за Црквата. Само овој склоп на карактеристики и доблести на личноста на Епископот овозможува да ги води другите да се водат себеси кон Бога. Недостатокот на обликување и артикулирање на знаење за Црквата – како неопходност за човековото вечно постоење во Бога, само го продолжува постоењето на гревот отелотворен во присутноста на политиката во Црквата. Гревот (присутноста на политиката) секогаш ќе постои доколку Епископот доброволно не ги пресече, откорне огревовениот дел на емпириската личност, но да се молиме секогаш од народот да биде разбран како субјективно (кај поединци) присутен во Црквата, а не да биде објективно (Црквата едно пропагира, друго практикува) соблазнителна пречка за влез на народот во Евхаристиската заедница.

Знаењето во Црквата, коешто секогаш се здобива со систематско следење на теолошките студии и, секако бара понижување кон професори коишто имаат чин помал од нашиот, оттука знаењето има голема методолошка важност во способноста да се артикулира (да се придобијат следбеници) и афирмира антроплогијата на Бога, којашто е поврзана со човечкото постоење. Знаењето во Црквата, методолошки е важно, прво од аспект на промените од прв ред (чекор по чекор), односно модификација на посточката состојба, и второ, заради промените од втор ред, односно целосно раскинување со дотогашната пракса во Црквата и трето, заради апостолското преемство. Резултатите, секогаш можат да се видат, преку концентрацијата на следбениците, кои се идентификуваат со духовниот отец, но резултатите кај отпаднатите изостануваат, ако се земе показателот на општо соблазнување на еден цел народ (па бил тоа и македонскиот, како историски најизмачуван).  Принципот на знаењето во Црквата секогаш се поврзува со идејата за „образот” или принципот секогаш е во корелација со Црквата како жив богочовечки организам кој не познава интевренции „од надвор”. И како што вели мојот духовен отец: „честопати и оправданите критики во Црквата се проголтуваат во очекување на полнотата на времето”. „Тој сè направи „од внатре” притоа бескрајно страдајќи”.

 ипоѓакон Григориј Настески