Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ЕПИСКОП - РАДОСТ ЗА ЦРКВАТА (13.07.2005)

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

Еве, нова радост за МПЦ! Само по дваесеттина дена по хиротонијата на епископот Методиј, на третиот ден Духовден, во Скопје, Господ ни ја удвојува радоста со нова радост преку денешново ракополагање овде, во Битола.

Преосвештен владико, возљубен во Господа, брате Клименте!

Радосен е овој чин за Светата Црква, зашто “сака ли некој епископство, тој сака добра работа”, вели светиот ап. Павле (1 Тим. 3,1).

Епископскиот чин е највисокиот во црковната ерархија. Епископите се непосредни наследници на Христовите апостоли и секое ракополагање претставува продолжување на апостолството во Светата Црква. Кој сака епископство, кој прифаќа да биде епископ, тој посакува и постанува апостол! Кој сака епископство, тој сака апостолство во МПЦ - тој прифаќа во највисоката служба да ѝ служи и да ѝ послужи на нашата Света Црква и на нашиот богољубив народ.

Вашиот избор и хиритонија за епископ во МПЦ, со Божја волја, се случува во исклучително време за нашава Света Црква. Ова е време на искушенија, време на испитанија и време на страданија. И само целосно оддадените на црковните и македонските народни идеали и само подготвените да истрајат во сè - можат да ѝ служат и да ѝ послужат на нашата Света Црква. Вас како најмлад, заедно со другите браќа архиереи и свештенослужителите на МПЦ Ве повикуваме без страв, во светост и правда да им служиме, на Бога и на нашата Света Црква, преку целиот наш живот (сп. Лука 1,75).

И да не забораваме дека Господ Исус Христос рекол: Кому му е многу дадено - многу и ќе се бара (Лука 12,48).  На епископот му се дава најмногу: изобилно му се дава благодатта Божја за да го надгледува и да го чува народот Божји, да биде архипастир којшто ќе внимава и на образот и на достоинството, и свои, и особено, на Црквата Божја којашто го удостоила со тој највисок чин!

Овој град - Манастир, знае кој дошол во него да гради, а кој да урива! Битола е градот во кој последниве години најмногу страда и се срами нашата Света Црква и нашиов народ. Вие како викарен епископ во оваа Епархија, најодблизу, со нејзиниот надлежен архиереј, можете да помогнете за да се зачува единството и светоста на нашата Црква, да помогнете Битола да биде пак град на полна наша духовна радост и гордост.

По молитвите на Свети Климента Охридскиот Чудотворец - патронот на нашата Света Црква и Ваш закрилник, по молитвите на светиот великомаченик Димитриј - заштитникот на градот Битола и светите апостоли Петар и Павле, чиј празник празнуваме, Бог на милоста нека Ви дава сили и мудрост за да можете достоинствено, епископски и апостолски, да ѝ служите и да ѝ послужите на МПЦ и на македонскиот православен богољубив народ. Амин.

 

                                                                                                       

                                                                                                          Архиепископ Охридски и Македонски

                                                                                                                           г.г. Стефан