Српските власти и СПЦ создаваат САО Црна Гора (15.08.2005)
Претседателот на Лигата на социјалдемократите на Војводина, Ненад Чанак, ги обвини властите во Белград дека со помош на Српската Православна Црква создаваат "српска автономна област Црна Гора", за дополнително да ја дестабилизираат состојбата во таа република, јави Макфакс.
- Многу сум загрижен поради настаните во Црна Гора и во Македонија, бидејќи тоа се двете последни федерални единки на поранешната СФРЈ со кои Србија не војуваше. Очигледно, сега дојде редот на нив - рече Чанак во интервју за новосадскиот весник "Дневник".
Тој оцени дека од Белград се подготвува терен во Црна Гора да се направи некаква "САО Црна Гора" за потребите за дестабилизирање на таа република по референдумот за независност.
- Многу слични се плановите и во врска со Македонија, само што тоа прашање е многу покомплексно, со оглед на тоа што има повеќе заинтересирани страни - рече Чанак.
Според него, ако не се одвојат Црквата и државата, Србија ќе стане "православна џамахирија како што нема никаде на светот".
- Сосема јасно е дека СПЦ во претходните 15 и повеќе години одигра улога на идеолошка извидница и претходница на војската - рече Чанак, додавајќи дека по сликата на воениот хеликоптер што ја носи црквата на ридот Румија, може да се очекува слика на тенк на кој седи Амфилохие Радовиќ.
Дневник, број 2835/15 август 2005:
http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2835&stID=60921