Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Организацијата за заштита на човековите права и слободи треба експлицитно да го дефинира проблемот (22.08.2005)

 

Освен тоа што тврди дека во Р. Македонија со судската пресуда во случајот ’Вранишковски’ не се почитувале правата за слободно определување и остварување на вероисповедта, една Организација за заштита на човековите права и слободи со ништо друго не покажува дека изборот на нејзиното акутно тврдење е вистинит и, што би било исто наполно релевантно и општо посакувано, плодоносен. Објавува соопштение, со заклучок, но без образложение. Линеарното размислување пак, во овој случај земањето предвид само на затворот како извршна санкција или одбивањето на барањето за регистрирање на верска заедница или религиозна група, без да се навлезе посуштински во проблемот, може да биде причина за погрешни заклучоци и за погрешни извештаи до Европската Комисија за човекови права, а со тоа и причина за погрешна претстава за севкупниот имиџ на Р. Македонија.

            Прво, фактот на нелегален обид за дезинтеграција на една легална институција” како што е Македонската Православна Црква (МПЦ) од страна на граѓанинот Вранишковски е доволна причина за изрекување на извршна судска санкција против него. Второ, овој факт на нелегален обид за дезинтеграција - медиумски напад врз личниот и свештеничкиот интегритет на Епископите на Македонската Православна Црква, негирање на светите Тајни на Црквата и навреда на верските и нациoналните чувства на народот, како и нарушување на владението на Црквата врз сопствениот имот - е исто така доволен за сè да стане јасно: бездруго Вранишковски доколку имаше за цел да формира (да пријави) нова Православна Црква, како што се наведува, немаше да постапува на тој начин. Но недозволениот метод којшто тој го користи покажува дека целта му е сосема друга, односно: рушење на постоечкиот систем на управување во Македонската Православна Црква, а не формирање на нова верска заедница. И оттука - трето, неговото осудување не претставува никакво ограничување на слободата на верувањето, како што наведуваат некои организации за човекови права и слободи, туку е законско санкционирање на неговата нелегална опструкција на работењето на Синодот на Македонската Православна Црква, кое пак се случува со очигледна помош на екстерни фактори (црковни и државни) што имаат интерес да го променат постоечкото црковно уредување во Р. Македонија и да наметнат свое, како услов за припојување на одредени црковни територии кон „своја“ Црква и држава.

            Непобитен доказ во прилог на погоре наведеното тврдење, односно дека граѓанинот Вранишковски врши обид за дестабилизација и разнебитување на Македонската Православна Црква, а не обид за формирање на нова верска заедница, покрај нелегалниот начин што го користи е фактот што истата бара да ја регистрира под име кое е суштинско и изворно име на Македонската Православна Црква, а тоа е името ’Охридска Архиепископија’, како и фактот што во јавноста се претставува со титулата ’Архиепископ Охридски’, назив што се содржи во титулата на Поглаварот на Македонската Православна Црква. Тоа е единствената и легитимна причина заради којашто не доби дозвола да ја регистрира својата верска заедница. Ниедна друга.

            Затоа, затворањето на Вранишковски само на прв поглед може да изгледа како кршење на човекови права и како преференција од страна на државата и судството на Р. Македонија во заштитата на правата изразена кон една верска заедница (Македонската Православна Црква) за сметка на друга („онаа на Вранишковски“), но бездруго нелегалниот обид за дестабилизирање и уништување на одреден систем однатре (’Синод на МПЦ’), кој во себе вклучува значаен подсистем (’народ’) – овие ентитети се непосредно нераскинливо поврзани меѓусебно, посредно пак тие се поврзани и со државата - покажува дека тука станува збор за нешто сосема друго, односно дека се случува судир на сосема други, нецрковни интереси од најшироки размери. Ако на фактот на внатрешен нелегален обид за дезинтеграција на МПЦ го додадеме и фактот на недозволеното вмешување однадвор на Српската Православна Црква (СПЦ) и на некои други структури од државата Србија во работите што се под ингеренција на Р. Македонија или на МПЦ, тогаш станува јасно дека тоа што се случува е и облик на странска политичка амбиција и интервенција, односно уште еден обид преку СПЦ да се оствари идејата за Голема Србија.

            Обврска на секоја држава, според меѓународното право, е да ги почитува и да се воздржи од кршење на правата и слободите на човекот. Но бидејќи една држава, поради начелото на суверенитетот, нема непосредна надлежност над територијата на друга држава, тогаш многу е индикативно барањето и притисокот на некои структури од државниот врв на Србија македонската држава да се осуди и да сноси одговорност за затворањето на Вранишковски, кој е граѓанин на Р. Македонија. Србија (и секоја друга држава) има суверена надлежност и обврски само кон своите граѓани и на своја територија. Овој факт бива изземен од претпоставките при оформување на конечен суд за случајот ’Вранишковски’ кога тој се разгледува од априорни (теоретски) поаѓалишта на една Организација за човекови права, но тоа е факт кој е клучен показател за мешање во внатрешните работи на Р. Македонија од страна на државата Србија. Ова е уште една потврда дека имаме ситуација на погрешно дефинирање на самиот проблем.

            Значи, не може да стане збор за оневозможување на граѓаните во Р. Македонија да ја практицираат својата религија, како што некои сакаат да го претстават ова случување. Во прилог на тоа говори и фактот што во Р. Македонија има многу верски заедници коишто без никаква принудна форма на асимилација, или слично, си ги извршуваат своите верски активности. Уште порелевантно е тоа што во Република Македонија, нема друго меѓусебно спротивставување на верски заедници една со друга, освен во случајов, во којшто очигледно станува збор за незаконски обид да се сруши Синодот на МПЦ од страна на СПЦ преку нивната нерегистрирана и нелегитимна црковна испостава во Р. Македонија на чело со Вранишковски. Исто така, Р. Македонија е можеби единствен пример на држава во светот во која огромното мнозинство граѓани коишто им припаѓаат на две верски заедници (православната и исламската) избираат за претседател човек којшто ѝ припаѓа на трета верска заедница (протестантската), којашто е бројчано незначителна – овој факт сам по себе е доволно видлив показател за високиот степен во којшто човековите права и слободи и верската толеранција непречено се остваруваат на нејзината геополитичка територија.         

 

ипоѓакон Григориј