Vesti i nastani
 
 
 
 
 

THE BIG PICTURE (04.09.2005)

Без оглед на тоа како на последниве случувања овде кај нас во врска со случајот Вранишковски гледаат или сакаат да гледаат одредени црковни центри или организации, вистина е следново:

 

1) Непобитен и очигледен факт за сите што ја познаваат комплетната слика на случувањата е дека целта на Вранишковски не е толку да формира своја верска заедница колку што е да ја разнебити Македонската Православна Црква. Во прилог на ова говорат следните докази:

 

а)   Нарушувањето на владението на имотот што МПЦ го претрпе од страна на Вранишковски и на неговите следбеници е првиот неспорен доказ. Меѓу другите да го спомнеме само познатиот случај на упад на Вранишковски во битолската црква на Свети Димитриј во обид да изврши верски обред и физичката пресметка што ја предизвика внатре. Сето ова им е познато на граѓаните во Р. Македонија преку медиумите. За ова дело, покрај одлежаниот притвор, беше осуден со казна затвор од една година, односно две години условно. Откако Вранишковски и неговите увидоа дека упадот на туѓ имот е многу непопуларно и казниво кривично дело и кога видоа дека немаат толку приврзаници за да преземат макар и еден храм, го напуштија тој начин на дејствување во пракса, иако не и сосема: во нејзината одлука за доделување автономија на својот егзархат СПЦ спомнува некакви свои имоти во Р. Македонија, иако такви нема, коишто им ги остава во наследство на своите егзархисти.

б)   Вториот неспорен доказ е недозволениот начин на којшто Вранишковски се обидува да ја регистрира својата верска заедница, односно барањето за регистрација во кое го присвојува изворното, историско и суштинско црковно име на МПЦ, а тоа е името ’Охридска Архиепископија’. Во прилог на ова е и фактот што во јавноста лажно се претставува со титулата ’Архиепископ Охридски’, назив што се содржи во титулата на Поглаварот на Македонската Православна Црква. Тоа е единствената и легитимна причина заради којашто не доби дозвола да ја регистрира својата верска заедница. Ниедна друга. Согласно историските факти и Уставот на нашата Црква, на Црковно-народниот собор во Охрид, 1958 година, беше возобновена Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ, а Поглаварот на МПЦ ја доби титулата Архиепископ Охридски и Македонски, случување кое СПЦ во 1959 година го потврди со своја синодска одлука.

в)   И последен неспорен доказ е медиумскиот напад што Вранишковски го изврши врз личниот и врз свештеничкиот интегритет на Епископите на Македонската Православна Црква, и тоа на многу вулгарен начин, како и нападот врз интегритетот на Црквата со негирање на нејзините Свети Тајни, заедно со навредата на верските и националните чувства на народот во Република Македонија. Освен преку личен медиумски настап овој напад беше извршен и преку верските календарчиња, црковните периодики и официјалниот web site на Српскиот егзархат, што е дополнителна отежнувачка околност. Сето ова е евидентирано и документирано. Целта на овој психолошки терор е што поголемо отцепување на народ и свештенство од МПЦ и нивно присоединување кон новата паралелна верска заедница.

               И да заокружиме: нападот врз овие три компоненти - свештенството и народот, името на Црквата и титулата на Поглаварот, како и нејзиниот имот - од кои е сочинета и преку кои се означува и се препознава секоја верска заедница, непобитно говори дека главна цел на Вранишковски е разнебитување на МПЦ, а не формирање на нова верска заедница.

 

            2) Непобитен и очигледен факт за сите е дека сето ова го прави за цели и со помош на странска држава и Црква, односно со помош на реакционерните националистички сили, заговорници на идејата за Голема Србија, што дејствуваат преку одредени структури на државата Србија и, со помош на истите сили присутни во Синодот на СПЦ. Сето ова на сите им стана јасно особено откако официјални претставници на Српската Влада извршија притисок врз Македонската Влада за ослободување на лицето Вранишковски кој е граѓанин на Р. Македонија.

 

            3) Добро е да се докомплетира сликата и со уште еден непобитен и очигледен факт, а тоа е судската постапка што против него веќе од 2002 г. се води под обвинение за извршени финансиски проневери во сите три епархии во коишто како епископ на МПЦ дејствувал. Исто така, општ е впечатокот кај сите дека и самото приклучување кон СПЦ го направи со цел да ја сочува својата висока црковна позиција, затоа што тоа се случи во моментите кога внатрешната контрола на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ веќе почна да ги разоткрива неговите незаконски постапки. Никој не ќе може потоа да го брани и рехабилитира Вранишковски без притоа да го ризикува и својот сопствен кредибилитет, кога судот најверојатно ќе донесе и за ова дело осудителна пресуда против него.

            Без да се мешаме во работата на независното судство, комплетната слика на случувањата говори дека неговите постапки воопшто не се наивни и дека не се работи за судски случај во којшто Вранишковски е осуден на издржување казна затвор заради вербален деликт и дека со таа пресуда му се нарушени верските права и слободи, туку дека неговите постапки ги имаат сите карактеристики на кривично дело на разгорување на верска и национална омраза и раздор. Па дури би рекле дека неговите постапки имаат карактеристики и на други дејствиjа коишто можат да се препознаат како инкриминирани во ’Глава 28’ од Кривичниот Законик на Р. Македонија во која се опфатени кривичните дела против државата.

            Тежината, пак, на неговото дело најдобро е преку споредба да се согледа и оцени. Може да си замисли секој какви димензии ќе зафатеше ова што го направи Вранишковски и неговата нерегистрирана, но од СПЦ призната верска заедница, ако во Македонија живееја 20% или 30% Срби и ако во Македонија беше стационирана српската војска како што тоа денес се случува во Црна Гора. Зар тоа немаше да предизвика војна? За состојбата во Црна Гора треба да се алармира Европската Унија и тоа е вистинскиот проблем којшто треба да ги запали црвените ламбички во Брисел, а не прашањето за почитување на верските слободи и права во Р. Македонија. Или може да си замисли секој што ќе беше ако слични навреди врз верска основа се случеа меѓу Македонската Православна Црква и Исламската верска заедница во Македонија. Зар тоа немаше да предизвика војна? Затоа, она што го прават СПЦ и Вранишковски во Македонија, иако само уште еден неуспешен обид за разнебитување на МПЦ, воопшто не е наивно, особено заради внатрешната, идеолошка поврзаност со идејата за Голема Србија како и со политичката и со црковната состојба во Црна Гора. Тоа е уште една причина што побрзо да се тргне завесата на српската медиумска и политичка пропаганда и лобирање и зад неа уште еднаш во овие петнаесет години да се идентификува многуглавиот балкански змеј - големосрпскиот национализам и спомнатата болна идеја.

            Не го пишувам текстот заради тоа што сакам некој да седи во затвор, туку за да се запише и знае вистината. Вистината е секогаш непоколеблив темел на покајанието, кое пак е единствениот клуч за решавање на меѓуцрковните недоразбирања. Инаку, ако нечии права и слободи во случајов и со години наназад флагрантно се кршат, нека не размислува многу ни Исток ни Запад, тоа се секако верските и национални права и слободи на македонскиот – нормално, Христов народ. Доколку, пак, некој сака светот да го гради на темелот на лагата, само нека повели... Но нашиот народ вели: лагата е со кратки нозе, односно нема да стигне далеку.

   

Митрополит Струмички Наум

 

       Дневник, 2852/03 септември 2005, Форум:

http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2852&stID=62312