Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Хиротонија на Епископот Полјански г. Пимен (02.10.2005)

Утрово на празничната Архиерејска Божествена Литургија во чест на Соборот на сите македонски светители, во древната катедрална црква Света Софија во Охрид, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со сите архиереи на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, во присуство на многубројно свештенство и верен народ, изврши хиротонија во епископски чин на новоизбраниот Епископ Полјански г. Пимен.

 

           

 

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

Возлубени во Господа браќа и сестри,

 

Никој од врзаните со телесни похоти и страсти не е достоен да приоѓа, или да се приближи, или да Ти служи Тебе, Цару на славата; зашто, да Ти се служи Тебе е нешто големо и страшно и за самите небесни сили”. Овие литургиски зборови Светите Василиј Велики и Јован Златоуст ни ги оставиле, нам на свештенослужителите, пред многу векови, а секогаш се актуелни и повторно и повторно нè потсетуваат за важноста и одговорноста што ги носи секој свештен чин, а посебно епископскиот. Зашто, Самиот Христос, Бог наш, е Оној Кој што принесува и се принесува. Но кога ќе погледнам на овој собор на живи и конкретни личности собрани на оваа света Евхаристија, во вас наоѓам извор на сила и храброст за да застанам пред престолот на Живиот наш Бог. Да застанам пред престолот и да Го молам Единствениот, Господ, Бог наш, Кој владее над небесните и земните, Кој е носен на херувимски престол; Кој е Господ на серафимите и Цар на Израилот, а и вас да ве замолам, заедно да да ја принесеме молитвата, та Бог како Единствен Благ и благопослушлив, не според моето достоинство ами по вашите молитви да погледне на мене, грешниот и непотребен раб Свој, и да ја очисти мојата душа и срце од лукава совест и да ме оспособи со силата на Светиот Свој Дух, облечен во благодатта на епископството, да застанувам (пристапувам) пред светата Трпеза и да ги свештенодејствувам светото Тело и Крв на Христа Бога. Да се помолиме како собор, зашто верни се Христовите зборови: каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Мат. 18, 20.), та Бог, Кој е тука посреде нас, по вашите молитви да ми даде и сила и мудрост правилно да го предавам и да раководам со словото на Неговата Вистина во сите денови од мојот живот.

           

Ги просам вашите молитви како собор, затоа што денешниов собор е идентичен на оној собор, собран околу светиот апостол Петар, на денот на светата Педесетница во Ерусалим, односно на денот на раѓањето на Црквата Божја. Велам идентичен, затоа што и тогаш беше присутен Дарот на Светиот Дух, испратен на апостолите како полнота на сите дарови потребни за наше спасение во Црквата, а и денес истиот тој Дух во истата сила и полнота е повторно присутен, во мојата лична Педесетница. Секој совршен дар е од Бога. Даровите се различни, но Дародавецот е еден и ист вчера, денес и во сите векови. Тогаш дарот на чудотворство, денес, дарот на смирение. Дар, затоа што знам дека со ништо не сум го заслужил дарот на епископството, ами поради вашите молитви и поради потребите на Црквата го добивам.

           

Му благодарам на Бога и на сите македонски светители, чијшто спомен денес го славиме, што токму во оваа црква посветена на Премудроста Божја, на онаа Премудрост која многупати низ историјата нè омудрувала и преку тоа нè одржала како Црква и народ и покрај сите тешки премрежија и негирања што од нашето постоење нè следат низ сите векови на нашето бивствување па сè до денешниов ден, се собравме денес и тука. Се собравме во Црквата Света Софија во Охрид, во Црквата на Охридските и Македонски архиепископи, повторно, после повеќе од двесте години, смирено да го посведочиме непрекинатото апостолско преемство и Божјата Промисла за нас, за нашето посебно црковно постоење. Се собравме да докажеме дека постоиме како жива Црква и народ. Како жива Црква која раѓа нови епископи, нови пастири, кои како низ историја така и сега, нема да го остават својот народ како наемници, туку како добри пастири ќе бидат спремни душата своја да ја положат за овците свои, подобно на Добриот Пастир од параболата Христова. Да ја положат душата своја и со тоа да го оправдаат вашето достоен, изговорено денес тука, а и на секоја хиротонија.

Ви благодарам вам што од разни страни притекнавте со различноста на вашите личности во возраст, пол, евокација, националност, да го збогатите овој собор. Ви благодарам затоа што гледајќи ве, уште еднаш ми се потврдува вистината дека епископството треба да се подразбира онака како што го подразбирал и Светиот апостол Павле кога рекол: секому бев сè та некако да го придобијам. Токму овие зборови на Светиот апостол ми го даваа оној елан сиве овие години да се трудам и овие зборови во дело да ги спроведам. Верувам дека плод на тоа е и оваа доверба што ми ја дава Светиот Архиерејски Синод на МПЦ, а и вашата доверба што денес ја потврдивте со вашето присуство тука. Ви благодарам Вам, браќа архиереи, за дадената доверба и јас да се причислам кон Вас, нашите архипастири.

На мојот духовен отец митрополитот Наум, а од утре и сотрудник на нивата Христова, затоа што духовно ме роди, благодарност и ветување дека нашата взаемна доверба и соработка ќе продолжат и ќе дадат плод на почвата на МПЦ, затоа што таа почва е натопена со крвта на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици по чии молитви го добивме и негуваме дарот на соборноста.

Благодарност до Вас, Ваше Блаженство, под чие будно око духовно растевме сиве овие години и затоа што најдовме место во вашата визија за посовршен пастирски развој на нашата помесна Црква и во нејзиниот вонреден удел во јакнењето на единството на севкупното Православие.

Прошка од вас мои најблиски, на кои со моето заминување во манастир ви нанесов болка. Болка и тага, кои со време знам дека се претворија во радост. Ништо не е случајно во Бога. Бог одредил на тој начин и вие да се восовршувате во растот Христов. Затоа денес сите заедно, со нас архиереите, свештенството, во Христа ѓаконството и целиот овој верен народ, од благодарност за сè, да му вознесеме Нему слава, чест и поклонение, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин.