Berovo - manastir Uspenie na Pesveta Bogorodica
 
 
 
 
 

Откако конакот во непосредна близина на црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица беше обновен и прилагоден за монашки живот, после Велигден 2002 година, од Водочкиот манастир со благослов на владиката Наум тука се досели тричлено братство. Така за првпат во Берово беа ставени почетоците на машкото монаштво. Самиот локалитет има посебно значење за беровчани, како место на поклонение и молитвено почитување на Пресвета Богородица. Но досега тука немало манастир.

Братството се издржува од сопственото ракоделие, изработката на икони и одгледувањето пчели. Откако заживеа како манастир, целиот комплекс зрачи со особена топлина и ред, природно одделен од урбаната средина. Под големите сенки на липите, во непосредна близина на реката, самата природа создала катче погодно за молитвено тихување.

Типикот е исихастички, т.е. манастирот е всушност мал исихастирион, свештено тихувалиште. Редовно се служи Литургија, на којашто ѝ претходат неколку часови Исусова молитва во келиите. Жителите на Берово, а и секој посетител којшто има потреба од исповед и духовен разговор, ќе биде срдечно примен од старешинатана манастирот, јеромонах Фотиј, со братството.