Сеноќно бдение во Неделата на свети Григориј Палама
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение во Неделата на свети Григориј Палама (31.03.2024 13:18)

Во Неделата на Свети Григориј Палама – заштитник на Струмичката епархија, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија во сослужение на Митрополитот Европски г. Пимен и викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Митрополитот Струмички Наум на верните им се обрати со следното слово:

„Често, човек е толку фатен, т.е. парализиран од гревот, што самиот е неспособен да дојде до Христос и да побара исцеление. Во такви ситуации доаѓа до израз големото и незаменливо значење на Црквата – Телото Христово, како заедница, која со своите најразлични богочовечки дарови како: утеха, поука, личен пример, материјална помош, покајание, исповед, простување и слично, и без оглед на тешкотиите, го приведува човекот кон Господ Христос – Исцелителот на нашите души и тела. Од фатениот, на почеток, се очекува само смирение.

Таков заеднички подвиг гледаме и во напорот фатениот да биде приведен до Богочовекот Исус Христос. Но, гледаме и смирение. По мачното влегување преку покривот на куќата со надеж за исцеление, а наместо тоа, јавно да ја слушне само причината за својата болест – гревот, и без помисла и приговор да го прифати сето тоа, зарем ова не е сведоштво на смирение – и за фатениот и за тие што го приведуваат? Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот; и молкум, со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за толку – „само да му ги прости гревовите“.

Прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас и прифаќањето на Божјата промисла за нас, при нашите неволни страдања, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на Божјата благодат. Следствено, тоа значи и наше исцеление, и душевно и телесно. Дека токму за тоа се работи, покажува следот на настаните.

Христос е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност, пристапиме кон Него. Вистинското покајание и вистинското простување на гревовите се препознава од неповторувањето на гревот. Простување на гревот значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа е возобновување на нашата заедница со Бог и меѓу себе. Затоа и Богочовекот Исус Христос на фатениот му се обраќа татковски, со зборот „синко“.

Токму простувањето е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но објавата на простувањето ги збунува.

Посебно, заради нивно обраќање и спасение, Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво, јавно му простува на фатениот, па љубовно – без да ги кара како што Он знае, кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца и на крај им ја пројавува Божјата сила и власт – што како Бог ја има, со исцеление на фатениот. Ова го потврдува и самото евангелие: „Така што сите [без исклучок] се восхитуваа и Го славеа Бог, велејќи: ’Никогаш вакво чудо не сме виделе!‘“

Досега кажаното се однесува на соборната димензија на нашето постоење и подвиг во Црквата. Но, се однесува и на нашиот личен аскетско-исихастички подвиг и димензија на нашето постоење; иако оваа поделба во Црквата е формална, т.е. не може едната димензија без другата.

Затоа ќе се послужиме и со алегориското толкување, карактеристично за Александриската школа во спој со Македонско-Светогорската аскетско-исихастичка школа, па ќе речеме, на пример, дека куќата во којашто престојува Христос преку благодатта на Светиот Дух е срцето на човекот, а дека отвoрањето на покривот и спуштањето на фатениот низ него е отвoрањето на срцето за умно-срдечната молитва и молитвено симнување на умот во него. И, дека исцелувањето на фатениот е, всушност, дарот на аскетската умно-срдечна молитва и просветлувањето на умот.

Четворицата носачи на фатениот ги претставуваат четирите подвизи кои можат молитвено да ја вратат енергијата на нашиот ум во срцето. Првиот е подвигот на послушание кон духовниот отец, односно ставањето на умот во процес на исцеление. Вториот е барањето на Божја, а не на човечка правда – во кој секогаш се наоѓаме самите себе виновни за сѐ. Третиот е покајанието со плач. И, четвртиот е постојаноста на подвигот. Овие четири подвизи лесно го внесуваат умот молитвено во срцето на тој што сака да се преуми.

Вистинското простување на гревовите е чистењето на срцето од страстите и негово отворање за умно-срдечната молитва, во послушание кон духовниот отец. Тоа е ослободување од робувањето на страстите, од гревот и од демонот. Тоа е неприпадност на овој паднат и поделен свет. Затоа и Господ на фатениот му се обраќа татковски, со зборот „синко“...

Соборната и личната димензија на нашето постоење и подвиг мора да се надополнуваат и едната да произлегува од другата, наизменично. Бесплоден ќе остане само некаков си активизам без истовремено да е покриен од исихазам, молитвено тихување, покајание. И обратно.“