Veljusa - manastir "Vovedenie na Presveta Bogorodica Eleusa"
 
 
 
 
 

Највпечатливата средба со овој манастир е во мугрите.

Ако сте тргнале од Струмица со автомобил, половина час пред изгрејсонце, по изминати десетина километри северозападно од градот веќе се искачувате по вијугавото патче над селото Велјуса, и ете... застанувате пред манастирската порта. Околу вас рурална атмосфера на македонско село кое полека се буди. Лаеж на кучиња, петли, мириси од селските дворишта и кокошарници, од оџаците и огништата во кои можеби веќе крчка појадокот. Пределот не изобилува со вегетација. манастирска црква на Пресвета Богородица Елеуса во ВелјусаНишто што особено би го привлекло вниманието на еден дојденец којшто за првпат е тука. Премногу сте блиску до манастирот за да можете да го видите. Незнаејќи што има од другата страна, внимателно преминувате низ портата... и веќе сѐ се менува.

Го слушате само одекот од сопствените чекори по камената патека и ветрот во крошните, додека во изненадување чувствувате како благата источна светлина и мирот со којшто дише ова место ве скротуваат. Оаза... на тишината. Зеленило обрабено со цветни леи и рози. Неодамна засадени дрвја. Со големо внимание и љубов уреден парк во којшто доминираат древната црква и неколку новоизградени манастриски зданија во карактеристичниот македонско-византиски стил на ѕидање - кршен камен со цигла. Висока глетка. Манастирскиот комплекс е сместен на карпесто плато над Велјуса и Струмичкото поле. Зад планинските сртови на Огражден, изгрева сонцето. Саат кулата го означува времето што тече долу во светот, а тука – запира, во „залет кон Вечноста“. И додека се прашувате дали сте сосема сами во овaa надземна глетка, тивко се отвара портата од монашкиот дел и неколку монахињи бесшумно се упатуваат по скалилата кон влезот во црквата. Спонтано ги следите и веќе сте внатре... Време е за литургија.

Од историјата

Над главната врата на црквата стои копија на мермерната плоча со натпис на ктиторот, од 1080 година, во којшто е запишано (на грчки): „Се обнови од основа овој храм на Пресветата Богородица Милостива (Елеуса) од монахот Мануил, којшто стана епископ на Тивериопол во годината 6588 (1080) индикт 3.“

Вториот натпис, исто така испишан на грчки јазик, врз мермерната плоча (денес копија на оригиналот) поставена над влезот од нартексот во наосот на црквата, гласи: „Бидејќи ги положив сите мои надежи во Тебе, о Мајко непорочна и извору на милоста, јас пастир монах Мануил, Твој служител, ти го принесувам Тебе, Владичице, овој храм.“

За време на Првата светска војна оригиналите на овие две мермерни плочи биле извадени од нивните места од надлежните бугарски власти и однесени во Софија, каде што и денес можат да се видат во Софискиот музеј.

Изворни историски податоци за изградбата на црквата и за нејзиниот ктитор, епископот Мануил, како и за поредокот на духовниот и воопшто за секојдневниот соборен живот на првите монаси, наоѓаме и во Типикот напишан лично од него меѓу 1085 и 1106 година. Ова е еден од најстарите познати типици во историјата на православното монаштво, којшто сведочи за илјадагодишната монашка традиција во Македонија. Во него стои дека игуманија на манaстирот е Пресвета Богородица, додека на катигуменот му е дадена неприкосновенa власт во управувањето со имотот и во организацијата на животот.Заштитен со хрисобули издадени од византиските василевси, манастирот подолго време имал независен статус, полагајќи автономно право на сите свои поседи, на изборот на катигуменот и на немешање во неговите внатрешни работи од страна на Тивериополските архиереи, на локалната световна власт, па дури и на Вселенскиот патријарх, што претставува исклучително редок случај во историјата на православното монаштво.

 По XIII век пишаните документи сведочат дека Велјушкиот манастир ја губи независноста и станува метох на Светогорскиот манастир Ивирон, сѐ до 1913 година. Во првата Балканска војна последните иверски монаси дефинитивно го напуштиле манастирот, земајќи ги со себе сите сакрални скапоцености од трезорот на црквата, како и севкупната документација. За некогашното велелепие на Велјушкиот манастир и покрај испразнетите трезори сведочи записникот на инвентарот на црквата од 1164 година, зачуван во препис помеѓу XIII и XV век: описот на 67 ракописни книги, 35 икони, 17 царски грамоти, на архивските книги, црковните одежди, итн.

Манастирската црква е единствен присутен сведок за сите промени што манастирот ги доживеал од почетоците до денес, низ неговата илјадагодишна историја. Во својата основа таа е четириконхална, со осмоаголна купола, како ретка градба од ваков вид во Македонија. Изградена е во 1080 година, и од тогаш датираат и нартексот и јужниот параклис (во функција на ѓаконикон). Во доста оштетениот фрескопис се издвојуваат фрески од два периода на настанување. Првиот датира од времето на подигнувањето на црквата (XI век), делумно сочувани фрески во олтарниот простор, тамбурот на куполата и јужниот параклис (архиереи, „Сретение“, „Слегувањето во адот“, Богородица оранта во источната купола со Св. Јован Крстител и двајца архангели, старозаветните пророци и Христос Пантократор во централната апсида, Св. Нифонт, Св. Пантелејмон и Христос Емануил во јужниот параклис). Фрески од втората фаза (од XII век) се наѕираат во егзонартексот на западниот и северниот ѕид од јужниот трем (сочуван е единствено ликот на Св. Онуфриј). Во внатрешноста на црквата се сочувани оригинални делови од најстариот мермерен иконостас и фрагменти од мозаичните декорации на подот.

Од животот во манастирот

утроКако и пред илјада години, со доаѓањето на преподобниот Мануил од светата гора Авксентиј, во новиот бран на возобновување на монаштвото во Македонија Велјушкиот манастир повторно стана монашки расадник. Сѐ започна со доаѓањето на монахот Наум од манастирот Григоријат на Света Гора, и неговата хиротонија за Струмички митрополит во 1995 година. До 1996 година тој живееше со своето монашко братство во овој манастир, за во 1996 да се пресели во Водочкиот манастир, а Велјушкиот стана женски манастир. Од првата генерација монаси и монахињи замонашени во него возобновени се десетина манастири надвор од Струмичката епархија, и пет манастири во самата епархија.

Денес Велјушката обител ја сочинуваат 10 монахињи, од различни националности (со македонско, романско, хрватско, руско, српско потекло). Востановениот типик е општежителен, со акцент на практикувањето на Исусовата молитва. Денот започнува пред мугрите, кога сестринството го зема првиот благослов од старешината на манастирот сестра Сара, собирајќи се на заеднички краток синаксис, на којшто со читање поуки за молитвата се подготвуваат за келијното молитвено тихување до Литургијата. Посетителите и гостите во манастирот имаат контакт само со сестрата гостоприемник, додека останатите сестри за време на своите послушанија го негуваат молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.

Манастирот разви самостојна издавачка дејност: од 1996 година досега се објавени околу дваесетина наслови – преводи од светоотечката литература, поуки на современите Старци, итн., како и едно музичко CD со Златоустовата Литургија. Сестринството се грижи и за уредувањето на официјалниот сајт на Македонската Православна Црква. Во шивачката работилница на манастирот се изработуваат уникатни одежди, со особено внимание рачно украсени. Од монашките ракоделија застапен е везот на прекривки за светите садови, делови од одежди, монашки схими и разделници за книги, плетењето бројаници и крстови, каширање икони. Монашката трпезарија, библиотеката и параклисот на Св. апостол Павле и Св. Григориј Палама во монашкиот конак, во 2002 година се фрескописани од сестрите од иконописното ателје на овој манастир. Уредувањето и грижата за манастирскиот двор е исто така едно од послушанијата на монахињите.

Во обидот да се сочува молитвениот мир, монашкиот дел не е пристапен за посетителите, коишто срдечно и со евангелско гостољубие се дочекани во гостинскиот дел. Тука тие можат да се запознаат со историјата и со животот на манастирот, да ги разгледаат манастирските ракоделија, да земат учество во Литургијата, да побараат молитвенa поддршкa за себе, за своите блиски, живи и упокоени. Со себе да понесат дел од мирот и благословот на овој историски и духовно значаен, свет манастир.