Hamzali - manastir Svetite Kliment i Naum Ohridski
 
 
 
 
 

Бог се покажа лице в лице, а не во загатки. Тој се соедини со оние што се достојни како со свои делови, исто како што душата е соединета со телото. Тој толку се соединува со нив, што Целиот наполно го проникнува нивното битие, а тие пак, целосно живеат во Него. И Духот преку Синот богато се излева на нас...“ (Св. Григориј Палама, Тријада III )

Машкиот манастир на Светите Климент и Наум Охридски чудотворци во Хамзали почива во подножјето на планината Огражден, на далечина од Струмица 17 km. Почеток на неговото подигање е изградбата на манастирската црква во 2000 година. Посветена е на најчествуваните духовни светила на македонските простори, Светите Климент и Наум Охридски.


На растојание на околу 500 m од оваа камена црква во византиски стил чиј иконостас ја следи традицијата на ранохристијанските базилики, во 2003 година подигнат е монашкиот конак со внатрешен параклис посветен на големиот учител и покров на монасите исихасти, Преподобниот Григориј Палама.

Овде во 2004 година во неделата на Св. Григориј Палама започна устројувањето на новата монашка заедница, денес петчлено братство чиј старешина е свештеномонахот Георгиј. Во непосредна близина на конакот има манастирско трло во кое братството одгледува стадо од педесетина овци и кози. Монасите во Хамзали се занимаваат и со земјоделие, со изработка на икони и монашки ракоделија.

Со едноставноста на животот, со постојаното осмислување на рамнотежата меѓу секојдневната Евхаристија и подвигот на Исусовата молитва, придружувано со аскетскиот телесен подвиг што го налагаат условите и просторот, овој прв манастир посветен на споменот на најзначајните втемелители на монашкиот живот во Македонија, богоносните просветители Климент и Наум Охридски, се стреми да ги дава плодовите на класичниот монашки идеал.