Излезе од печат „Житие, Песнено последование и Молебен канон кон преподобниот и богоносен отец наш Гаврил Светогорец, Епископ Велички“
 
 
 
 
 

Излезе од печат „Житие, Песнено последование и Молебен канон кон преподобниот и богоносен отец наш Гаврил Светогорец, Епископ Велички“ (27.05.2024 15:21)

Се јави ангел во тело* и човек небесен,*

и како ѕвезда светла,* на Небосводот блесна,*

споменот со почит достојно твој,*

отче Гаврил, го славиме,*

за да се застапиш денес за сите нас,*

од Небесните височини.

(хвалитна стихира на преп. Гаврил Светогорец, Епископ Велички)

 

По повод празникот на канонизацијата на преподобен Гаврил Светогорец, Епископ Велички, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, излезе од печат книгата „Житие, Песнено последование и Молебен канон кон преподобниот и богоносен отец наш Гаврил Светогорец, Епископ Велички“, во издание на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, Велјуса.

Книгата е посветена на возобновениот монашки живот во манастирите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима.

Песненото последование (службата), посветено на преподобен Гаврил Светогорец, Епископ Велички, во основа е напишано по подражание на византиската и старословенската химнографска традиција, и е посветена на неговиот „летен празник“, т.е. споменот на неговата канонизација.

Типолошки, според својата структура, бидејќи троделна и предназначена за сеноќно бдение, може да се вброи во типот на таканаречената Ерусалимска химнографска традиција. Таа содржи празнични стихири на Мала вечерна, Велика вечерна и Утрена. Според моделот подражава и на поновата Светогорска химнографско-мелографска традиција, предназначена за сеноќните бденија на манастирските слави.

На Утрената приложен е еден Канон на глас 4, подобен: Штом уста ќе отворам, со акростих: „Песнопојно празнична прослава прими“.

На крајот од книгата, после Утрената, приложен е Молебен канон на глас 8, подобен: Ὑγράν διοδεύσας., со акростих: „Со твоите молитви, избави нѐ од напасти“.

Во основниот текст, кај повеќесложните зборови, за да бидат правилно и полесно произнесени при пеењето (кога подобните се пеат без ноти), врз самогласната буква од слогот, каде што треба да биде главниот акцент, поставена е таканаречената „оксија“, мала вертикална цртичка. Tоа означува дека главниот акцент на мелодијата е поставен таму.

Со оваа служба се комплетира постоечката празнина и за преподобниот имаме две посебни служби за двата негови празници.

 

Богогласен тихувател* и огнен столб на молитви,*

избран на Господа сосад,* со слова духовни, свети,*

ревносно Христа моли Го,* смело, за нас, со восклици,*

прошка на сите гревови* и љубов нам да ни дари,*

себлажен Гавриле, свети.*

(светилен)