Божествена Литургија во Водоча (12.07.2024 20:26)
Денес, кога Црквата си спомнува за светите Христови Апостоли Петар и Павле, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:
„Кој е ин, а кој аут од Апостолското Преемство, т.е. од Црквата?
Дали оној кој целиот свој живот си го посветил на Христос и Црквата, па од послушност кон Светиот Синод го прифатил епископскиот чин – само до кога ќе биде тоа потребно, за потоа повторно да се врати во анонимност, или оној кој поради својот неостварен семеен живот или поради остварени чудни околности бива избран за Епископ, а не ја напушта заземената позиција до својот смртен час?
Дали оној што е подготвен да умре за Црквата, а ѝ служи како Епископ само додека го служат неговите духовни и телесни сили, или оној кој, преку епископската власт, ја ставил Црквата во позиција да му служи и да му пружа материјална сигурност и грижа до самата смрт, односно дали оној кому Бог му е на прво место или оној кој самиот себе, или привидно – што било друго, става на прво место?
Дали оној кој има доволно внатрешно духовно покритие за епископскиот чин што го носи, т.е. просветленост на умот, или оној што нема никакво, т.е. се наоѓа во религиозна невроза или религиозна социопатија, а не дај Боже и во демоноопседнатост – ако е надвор од духовно раководство и исповед, односно дали оној кој со своето молитвено слово допира до суштината на своето срце, па затоа и до суштината на срцето на своите ближни и им носи сила, мир и светлина, или оној чиј разум демонот го опрелестил, па сега таквиот го користи како медиум за да пренесе темнина и немир во срцата на приемчивите за демонската прелест?
Дали оној кој секое место на кое бесплатно дејствува за спасение на светот го остварува како олтар Божји или оној кому званичниот олтар Божји му служи за овоземна индивидуална финансиска корист, односно дали оној кој на Бог и на народот Божји им служи облечен во Благодатта на свештенството или оној кој си служи на самиот себе облечен во одеждите на свештенството?
Дали оној што својот надворешен авторитет го црпи од внатрешното духовно покритие за својот епископски чин, па така го актуализира и авторитетот на Црквата – како институција, во светот, или оној што својот надворешен авторитет го црпи од Црквата – како институција, па го неутрализира или руши нејзиниот авторитет во светот, со своите неартикулирани постапки во јавноста?
Дали оној што автентично го претставува Апостолското Преемство, во неговата харизматично-светотаинска и учителска димензија, на начин да ги привлекува луѓето кон Христос, или оној кој ја користи надворешната форма и власт на Апостолското Преемство да ги отстранува тие – под него, што не му одговараат и да ги привлекува сличните на себе,односно дали оној кој собира Црква – во Божја слава, или оној кој прави секта – во своја слава?
Дали оној што од моментот на станување Епископ прави сѐ за да стане Архиепископ, неизградувајќи никаков однос со доверената му од Бог паства, или оној кој токму остварената личносна заедница со доверената од Бог паства го прави нејзин Архиепископ?
Дали оној што со своето терапевтско, исцелително слово ја воплотува Божјата правда во светот или оној што користејќи исклучиво правен речник, ја бара само човечката правда во овој свет?
Дали оној што свесно ѝ служи на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква или оној што свесно, или несвесно, им служи на одредени политичко-црковни центри на моќ, односно дали оној што се бори за есхатолошкото и историско единство на Црквата или оној што го разгорува нејзиниот внатрешен раскол, што може да има есхатолошки последици – и по самиот него и по многу други?
Дали оној што го почитува првенството по чест или оној што не го признава ова првенство, ниту го признава Првиот по чест – и во Помесната и во Универзалната црква?
Овој вториов, кога ќе умира,ако ги види демоните како доаѓаат по неговата душа, само нека се повика на молитвите на оној првиот – по Власт над паднатите духови, затоа што и само таквиот се моли за него, или барем на молитвите на Првиот по чест, и ќе се спаси. Амин!
P.S. Ова што го напишав претходно е согласно Преданието од Светите отци на Црквата;оти гледам понекогаш има недоумица – кој бил внатре, а кој бил надвор од Црквата; затоа–секој, внимателно,нека си се провери самиот себе согласно Преданието и подобро нека се смирува, а не уште и да им суди на другите. Црквата кажала кој може да суди и сега и на Последниот Суд; иако црковниот суд мнозина го избегнуваат, но никој Божјиот праведен Суд. Само Господ знае – кому колку дал, кој во какви услови растел и кој какви намери има. Ако некој покажува антихристова амбиција и сака да биде самоповикан судија, не знам што да кажам...Моето лично мислење и чувство е дека секој момент поминат надвор од срцето, надвор од умно-срдечна молитва и плачот за сите луѓе и за целиот свет, е надвор од Преданието, надвор од Црквата, надвор од Христос, надвор од Бог; и многу ми е жал за тоа...“