Божествена Литургија во Велјуса
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Велјуса (09.08.2024 16:14)

Денес, кога Црквата го празнува споменот на свети Климент Охридски, светиот великомаченик Пантелејмон и на светите Седмочисленици, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

На Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:

„Оној што се наоѓа на степен на очистување на срцето од страстите, може да им помогне на оние што се наоѓаат во невроза – ако има и благослов за тоа. Оној што се наоѓа на степен на просветлување на умот – кое произлегува од дарот на умно-срдечната молитва, може да им помогне и на оние со растројство на личноста (психопати, социопати) – секако, ако тие сакаат. А оној што е обожен, може да им помогне и на оние со психози, како и на демоноопседнатите. Така слично е и со телесните болести. Оние од првиот степен можат и треба да се молат за болните. Просветлените, а посебно обожените, можат да помогнат во исцелувањето и на потешки телесни болести, зависно од тоа колку болните слушаат и дали им е тоа за нивно спасение или не, како и од жртвата што се подготвени да ја дадат тие што се молат. Секако Бог може сѐ да исцели, дури и да воскресне од мртвите, таму каде што ќе види покајание, а посебно ако тука се појави и застапништвото на Неговата Мајка или на некој светител. Многу исцелувања се случуваат и на места каде што допрва треба да се шири верата или таму каде што треба да се возобнови духовниот живот.“