Божествена Литургија во Велјуса (21.12.2024 14:32)
Денес, на денот на светите апостоли Состен, Аполос, Тихик, Епафродит, Онисифор, Кифа и Кесар, и на преподобен Патапиј Тиваидски, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот „Свети апостол Павле и свети Григориј Палама“, во манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“, Велјуса.
Во беседата на Литургијата, меѓу другото, Владиката рече:
Како демонот делува на нас со својата енергија? Најпрво од сѐ, тој преку својата енергија ни ја пренесува својата мисла – која е израз на некоја негова желба или план, и доколку ние ја прифатиме таа негова мисла – што Отците на Црквата го нарекле прифаќање на демонска помисла, ние преку таа помисла ги прифаќаме и демонската желба и план, и почнуваме да ја исполнуваме неговата волја наместо Божјата. Доволно е само да почнеме да ја разгледуваме демонската помисла за благодатта Божја да почне да се повлекува од нас, а камоли, пак, да ја прифатиме или да почнеме да ја извршуваме на дело, тогаш ќе се најдеме во голема темнина. Значи, не дека ние толку сме примиле некаква „негативна“ демонска енергија, туку Божјата благодат се повлекува од нас. По таа темнина би требало да ги разликуваме помислите. За примање на демонската енергија е потребна и свесна согласност дека го примаме демонот или тежок грев и некое Божјо допуштение.
Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.