Божествена Литургија во Водоча (22.12.2024 14:56)
Денес, на празникот на зачнувањето на света Ана, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот „Свети Григориј Палама, преподобен Јосиф Исихаст и преподобен Јустин Ќелиски“, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, Водоча.
Владиката на Литургијата се обрати со следните зборови:
Божјата несоздадена благодат е носител на вистината, а не – голиот збор, па макар било изговорено и нешто потполно вистинито.
Свештеникот Божји треба да е носител на словото на вистината, т.е. на слово поткрепено од Божјата благодат. Словото ќе биде поткрепено ако се говори од опит. Безуспешно ќе им проповеда на луѓето да се молат, ако тој самиот не се моли. Напразно ќе им говори на слушателите да постат, ако тој самиот не пости. Само ќе си губи време убедувајќи ги почетниците да се исповедаат ако тој самиот не се исповеда. Како ќе ги убеди родителите да имаат повеќе деца ако тој нема? И што тој, воопшто, би направил ако самиот не е пример?
Оној што ја служи Светата Литургија треба со својот смирен и молитвен однос да го „носи и крева“ целиот литургиски собор, а не со својата расеаност несвесно да го „спушта и да му отежнува“. Но, и секој учесник на Литургијата треба со своето смирено и собрано молитвено учество да го подигне нивото на учество на целата црковна заедница во неа.
Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.