Доделување на Столна Медаља (07.04.2008)
По повод 50 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква и по повод 40 години автокефалност на Македонската Православна Црква, вчера, во предвечерието на празникот Благовештение, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје се одржа свеченост на која поглаварот на Македонската Православна Црква Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан од име на Скопската православна епархија им додели столна медаља на Македонската Православна Црква од редот на Светиот Македонски Крст на истакнати личности од областа на науката, стопанството и уметноста за нивните достигнувања на овие полиња.
Оваа столна медаља е изработена по повод 40 години од возобновувањето на автокефалноста на МПЦ. Изработена со аверс, на кој е претставено Светото Благовештение, околу кое е испишано „Јустинијана Прима, Охридска Архиепископија, Македонска Православна Црква“; и реверс, на кој е претставен Светиот Македонски Крст од манастирот на Пресвета Богородица Елеуса, с. Велјуса, околу кој е испишано „40 години од возобновувањето на автокефалноста“. Медаљата е од метал сребро 999,9 со дијаметар 60 mm, дебелина 7,2 mm и тежина 180 gr, а изработена е во Ковницата „ЈУСТИНИЈАНА ПРИМА“.
Во рамките на свеченоста беше прикажан краткометражен филм за МПЦ, а настапи и ставропигијалниот црковен хор „Јоан Хармосин“ со прекрасно старо-македонско пеење.
Научниците кои ја добија оваа медаља се: Јоhn Mann, доживотен професор на Унирезитетот „Columbia“ во Њујорк и директор за наука на Универзитетот „Columbia“ и на Психијатрискиот институт на државата Њујорк; Andrew Dwork, професор по невропатологија и директор на Одделот за невропатологија на Универзитетот „Columbia“ во Њујорк; Константин Апостолов, член на Македонската академија на науките и уметностите и професор по микробиологија во Лондон; Академик Ѓорѓи Филиповски; Академик Јордан Поп-Јорданов; Академик Бојан Шоптрајанов; Академик Момир Поленаковиќ; Академик Серафимоски Владимир; Љупчо Коцарев, академик и редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и член на МАНУ; Горазд Росоклија, член на Македонската академија на науките и уметностите и професор по психијатрија на Универзитетот „Columbia“ во Њујорк; Јанко Гогушев, специјалист по интерна онкологија и патолошка анатомија, раководител на Научно-истражувачката лабораторија за генетика на ракот при Медицинскиот Факултет „Necker Enfants Malades“ во Париз; Димитар Ефремов, раководител на Институтот за молекуларна хематологија на Интернационалниот Центар за генетски инжинеринг и биотехнологија во Рим, Италија.
Од македонската бизнис елита наградени беа: г. Штерјо Наков, г. Минчо Јорданов, г. Андреја Јосифовски, г. Хари Костов, г. Бранко Азески, г. Глигор Бишев, и г. Сашо Давитковски.
Симон Трпчевски, Борис Трајанов и Венко Андоновски се добитниците на „Столната медаља“ во областа на културата.
фото: Калина Трпеска