Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Честитки до Патријархот Московски и на цела Русија г.г. Кирил од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (28.01.2009)

Ваша Светост,

 

Ја искажуваме Нашата и радоста на Македонската Православна Црква по повод Вашиот избор, со кој Семудриот Бог, по Својата вечна промисла за спасение на сите, Ве возвеличи и Ве постави на престолот на Светата Руска Црква.

Од Свое, како и од името на браќата архиереи, свештенството, монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква, примете ги Нашите најискрени честитки по повод Вашиот избор за Поглавар на Руската Православна Црква. Се молиме Семилостивиот Бог и Спасител наш Господ Исус Христос да Ви дарува добро здравје и духовен мир, за да бидете „добриот пастир” и „верниот соработник на нивата Божја”.

Во Вас, Ваша Светост, гледаме христоподобен архипастир, кој со својата возвишена евангелска љубов има правилно разбирање на состојбите во Православието, како и за положбата во која се наоѓа Македонската Православна Црква.

 

Свет Патријарху,

Сѐ уште ни се свежи спомените од Вашиот престој во 2003 г. и посетата на нашата Света Црква, на Охрид - словенскиот Ерусалим, разговорите што ги имавме и средбите што ги остваривте во Македонија. Затоа Македонската Православна Црква високо ги цени и вреднува воспоставените добри односи со Вашето богољубие, како и со Руска Православна Црква.

Духовната поврзаност меѓу Македонија и Русија е вековна, уште од времето на светите браќа Кирил и Методиј, на свети Климент и неговиот Универзитет, на Глеб и Олга, и трае сѐ до денес меѓу нашите два народи. Незаборавна е и помошта која взаемно се практикувала помеѓу Охридската Архиепископија и серуското Православие кога тоа било најпотребно. Токму тие историски моменти на пројава на вистинската христијанска љубов помеѓу нашите два блиски народи и цркви, се основа да веруваме дека и со Вашиот избор за првоерарх на Руската Православна Црква тие ќе продолжат да се развиваат и продлабочуваат.

Го молиме Милостивиот Господ да Ве дарува изобилно од Своите дарови, за радост и спасение на Вас, Ваша Светост, на браќата архиереи и свештенослужители на Руската Православна Црква и на рускиот богољубив народ.

Долгоденствујте Свјатејши владико и на многаја лета!

 

ПОГЛАВАР  НА

   МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

                                  АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

г.г. СТЕФАН