Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Промоција на македонското издание на книгата „Униние и депресија – Сличности, разлики, лекување. (Православен поглед)“ од д-р Дмитриј Авдеев (01.06.2009)

Во издание на манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса, Велјуса, а во превод на г-ѓа Ирена Кепеска, излезе од печат македонското издание на книгата „Униние и депресија - Сличности, разлики, лекување. (Православен поглед)“ од д-р Дмитриј Александрович Авдеев, православен лекар-психијатар, медицински психолог, доктор по медицински науки и завршени посдипломски студии на Богословскиот факултетна Универзитетот „Лукијан Благо“ (Романија), на тема пастирска психологија и психијатрија, православен приод кон психијатријата и црковна помош на психички болни луѓе.

На 30 мај 2009 година, во просториите на новотворената книжарницата „Икона“ во центарот на  Скопје,  се одржа промоција на оваа по многу нешта  извонредна книга. Промоцијата ја водеше д-р Вилма  Вуковиќ, а промотивна реч одржа и Митрополитот Американско-канадски г. Методиј. 

„Ваши Високопреосвештенства, Владико Наум, Владико Методиј!
Драги македонски пријатели, браќа и сестри!

„По милоста Божја, благодарение на грижата на Владиката Наум и на сестрите од светата обител на Пресвета Богородица Елеуса, излезе од печат на македонски јазик книгата „Униние и депресија: сличности, разлики и лекување“. Денес зборот „депресија“ стана многу популарен. Насекаде може да се видат страдање, солзи, натажени лица. Научниците и лекарите повикуваат SOS. Статистиката соопштува за стотици милиони луѓе низ целиот свет кои веќе се имаат обратено кај лекар заради оваа причина. А колку ли луѓе сами со себе се обидуваат да ја преживеат душевната криза. Тие се многу повеќе. Денес во светот има 500 милиони луѓе кои се психички заболени.

Светата Православна Црква издвојува три главни причини заради кои се развиваат психичките заболувања, а тие се: човечката природа (односно индивидуално-биолошки причини), гревовните страсти и демонските напади на личноста. Согласно оваа поделба се обидов да направам анализа и на депресивните состојби. Постојат т.н. ендогени депресии, кои се развиваат од природата и се пропратени дури со биохемиски промени во мозочните структури. Секако, вакви состојби е неопходно да се лечат со современите медицински средства. Во книгата е, како пример, опишана болест на Николај Гогољ. Но, еве што е важно.
Ако земеме дека сите депресии се 100%, тогаш излегува дека ендогените депресии се само 3%. А останатите 97% се депресии чиешто потекло може да се поврзе со личносните фактори, скалата на вредности но и едноставно со гревот. Сега можете да ги споредите овие две бројки! Та ако човекот е измачуван од завист или го разјадува навреда – тоа е веќе дело на гревовните страсти. Јас еднаш советував една жена (а таа ми се обрати заради депресија) и таа ми кажа дека еве веќе десет години не разговара со својата мајка. Таа сосема се измачи. Ги пиеше сите можни лекарства, а што требаше да направи? Да ѝ пријде на мајка си, да побара прошка, да ја прегрне, да ја бакне и болеста ќе поминеше веднаш.

Најтешка последица на депресијата е самоубиството. 90% на самоубијците се ментално здрави луѓе, а 10% се луѓе со психички заболувања.

Така: депресијата можеме да ја дефинираме како болест. А унинието како гревовна страст. Лекарите велат дека правилната дијагноза е половина од лекувањето. И навистина, причината за појавувањето на болеста го одредува лекувањето. Депресијата треба да се лекува, а со унинието треба да се бориме со духовни средства. И во секој случај, треба да се молиме и да Го повикуваме Господ на помош. За време на приемот на пациентите многу често посакувам да им кажам: освестете се, замислете се, покајте се.

Како православен лекар, наоѓам одговори на многу сложени прашања во Светото Писмо, кај светите Отци. Светоотечките поуки се највистинско духовно лекарство. И, секако, молитвата. Молитвата е за душата како воздух за телото. Без молитвата ништо добро не може да се случи. Заради тоа, како прилог во оваа книга ги ставивме опширните молитви за веднаш да се обратите со своите маки кон Господ, кон Неговата Пречиста Мајка и светите угодници Божји.
Од сето срце на сите Ви посакувам душевен мир и никогаш да не очајувате. Да си спомнувате дека ние заедно живееме под светата Божја промисла. И Господ нема да ни даде крст преку нашите сили. Апостолот ни заповеда да се молиме непрестајно, секогаш да се радуваме и за сè да Му благодариме на Господ. Секому од Вас и на себе лично го посакувам истото: да се молиме, да се радуваме и да Му благодариме на Господ.

Од сета душа му благодарам на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан за топлиот прием, соработка, скапоцени совети и благослов. Исто така, му благодарам на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј за неговиот прием во неговата резиденција во Охрид. Му благодарам на претседателот на Асоцијацијата на психијатри на Македонија проф. д-р Антони Новотни, на д-р Вилма Вуковиќ којашто ја води оваа промоција и на прекрасните зборови на промоторот Владиката Методиј.
Сакам уште еднаш срдечно да им се заблагодарам на Владиката Наум, на Владиката Методиј за изречените убави зборови,  на сестрите од манастирот во Велјуса; на преведувачот на оваа книга г-ѓа Ирена Кепеска за големиот труд.

Сакам да се заблагодарам на сите овде присутни. Срдечно благодарам за гостопримството, првпат сум во Македонија и сум восхитен од убавата земја. Поклонувајќи се на големите светињи, ги видов и најстарите цркви и манастири. Со темата „Православна психотерапија“ заедно со Владиката Наум одржавме предавање на Меѓународниот конгрес во Охрид. Секој од нас на свое место треба да се потруди во слава Божја: и лекарите и свештениците.
Благодарам за вниманието.“

д-р Дмитриј Александрович Авдеев

 

           

 

     

 

        

 

      

 

Преземено од: Преминпортал