Семакедонски црковно-народен собор во Скопје (02.10.2011)
Во првата недела од месец октомври, кога Македонската православна црква молитвено си спомнува за сите македонски светители, во преполнетата црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, се отслужи Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение на Нивните високопресвештенства, митрополитите:Тимотеј, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион и умировениот митрополит Горазд, како и повеќе свештеници и ѓакони од сите епархии на МПЦ.
На Литургијата во чин архимандрит беше произведен игуменот на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Калишта, Струга.
Во својата проповед пред верниот народ, Неговото Блаженство ја истакна потребата од единство меѓу народот, на црковен, на политички и на национален план, и потребата за надминување на секаква разлики, а во насока на заедничкото општо добро. Исто така, посочи дека од голема важност е постојаното покајание и здравото црковно живеење, според автентичното предание на Црквата и учењето на светите отци, а никако според измислени обичаи и практики. Упати особени пораки и кон свештенството неуморно да се залага во проповедта на Евангелието, во воцрковување на народот и за спасението на секого.
На Литургијата, многубројниот народ , дојден организирано од сите страни на Македонија, се причести со Светото Тело и Крв Христови, по што беше приредена трпеза за сите верници.
Извор: Скопска епархија