Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ (18.07.2012 14:05)

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на 18 јули 2012 г., одржа седница посветена на Јубилејот - 45 години од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Оваа година, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, заедно со свештенството, монаштвото и своите верници, живее во радоста на 45-годишнината од богољубивата и родољубива одлука на нашите предци, богомудрите архиереи и учесници на Третиот црковно-народен собор, одржан на 17 и 18 јули 1967 година во Охрид, кога во храмот посветен на Пресвета Богородица Перивлепта, нашата мајка Црква, канонската и историска наследничка на Охридската архиепископија, беше возобновена нејзината автокефалност.

            По тој повод, како што веќе беше објавено, Светиот архирејски синод, на предлог на епархиите, усвои програма со повеќе манифестации за достојно одбележување на годишнината. Така, на Илинден, во манастирот Пречиста Кичевска ќе бидат канонизирани преподобните маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, убиени во 1558 год., исповедајќи  и бранејќи ја Христијанската православна вера.

            Православната црква на овие простори, во минатото олицетворена во Јустинијана Прима и Охридската архиепископија, а денес во Македонската православна црква, секогаш била и е духовен, културен, образовен и историски стожер на македонскиот народ, особено во чувањето на јазикот и на националниот и културен идентитет, а, секако, и учесник во реализацијата на вековниот стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава и иднина. Како духовна мајка на секој православен Македонец, но и поради своевидната директна засегнатост, Македонската православна црква не може а да не ја искаже својата вчудоневиденост и запрепастеност од зачестените изјави на поединци и партии, со кои не само што се удира по јазичниот и национален идентитет на македонскиот народ, туку преку говорењето на невистини до крајни, нечовечки граници, се омаловажува секој труд и секоја жртва на нашите предци, но и на нашите современици, за самостојна и просперитетна Република Македонија. Го повикуваме нашиот народ не само да остане глув на ваквите користољубиво-должнички емисари на пропагандите од 19. век, туку на легитимен, правдољубив и демократски начин да ги „награди“ со конечен заборав и да им го покаже нивното место во свршеното минато. А, најгласниот говорител на нечуените фалсификати и лаги за македонската вистина го повикуваме јавно да ѝ се извини на македонската јавност.

Македонската православна црква ја поддржува мирољубивата и демократска иднина на Република Македонија, а со тоа и секоја заложба и намера на поединец и организација што водат кон интеграција на нашата земја во светските демократски организации, но, секако, според позитивните правила и законските права што важат за секого, а не по цена на губење на сопствениот јазичен, национален, историски и културен идентитет. Во таа смисла, МПЦ апелира да се опстои докрај во одбраната на уставното име на нашата држава – Република Македонија, зашто истото за нас, Македонците, претставува смисла и на нашето минато и на нашата иднина.

Исто така, МПЦ како духовна институција задолжена за моралните вредности кои водат до чување на интегритетот на секој човек, ги повикува сите чинители на политичкиот и медиумскиот простор, достоинствено и во согласност со правилата за коректност и потребна меѓусебна почит да се обраќаат и до своите политички противници и до јавноста, внимавајќи на секој искажан збор.        

ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ

 


 

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, на својата редовна седница, одржана на 05 април 2012 година, разгледувајќи го прашањето за одбележување на 45-годишнината од прогласувањето на возобновената автокефалност на Охридската архиепископија како Македонска православна црква, ја донесе следнава

 

П Р О Г Р А М А

 

За одбележување на Годишнината, Македонската православна црква како манифестациони одбележувања во текот на 2012 г. ќе ги има следниве настани:

Скопска епархија - осветување на новоизградениот храм „Свети пророк Илија“, нас. Јане Сандански, на 11 ноември 2012 г.;

Преспанско-пелагониска епархија - канонизација на светите преподобни 40 битолски маченици, Соборен храм „Св. вмч. Димитриј“ - Битола, на 28 октомври 2012 г.;

Брегалничка епархија - осветување на новоизградениот храм „Свети Климент Охридски”, нас. Сењак, Штип, на 04 ноември 2012 г.;

Дебарско-кичевска епархија - канонизација на светите преподобно­маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј маченички пострадани во манастирот „Света Богородица - Пречиста”, Кичево, на 02 август 2012 г.;

Полошко-кумановска епархија - свечена архиерејска литургија во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, по повод 45 години архиерејска служба на надлежниот митрополит г. Кирил, на 23 септември 2012 г.

Повардарска епархија - осветување на новоизградениот конак во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, с. Согле, на 12 август 2012 г.;

Струмичка епархија - централна прослава во храмот „Свети 15 Тивериополски маченици”, Струмица, на 11 декември 2012 г.

Македонска православна епархија за Европа - осветување на храмот „Свети Спас” во Лацен, Р. Германија, и помошни простории, на 27 мај 2012 г.

Програмите и протоколот за прославите ќе ги подготват и достават секоја епархија посебно.