Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Јорданските власти му даваат 72 часа на Ерусалимскиот Патријарх да се брани (29.03.2005)

Деновиве грчките медиуми изнесоа нови подробности поврзани со последните скандали што ја потресуваат Грчката Православна Црква. Кон сомнежот за учеството на Ерусалимскиот Патријарх Иринеј во зделка на незаконска продажба на патријаршиско земјиште во Стариот Град, се приклучи информација во која се наведуваат сомнителни околности што го довеле Иринеј на ерусалимскиот престол и помогнале Патријаршијата да „остане во грчки раце“. Најновиот развој на новинарската истрага известува за вмешаност во таков заговор (пред четири години) на шефот на грчката полиција Гиоргос Ангелакос, на Архиепископот Христодул и на од Интерпол бараниот нарко-дилер Апостолос Вавилис, иако денешната ситуација укажува дека повлекувањето на Иринеј од ерусалимскиот престол нема да го доведе во опасност грчкиот стастус на Патријаршијата:

„Обвинуваниот Грчки Патријарх во Ерусалим вчера наиде на студен прием кај јорданските власти, кои му дадоа тридневен рок за одбрана од нападите во врска со тајно продаденото земјиште на еврејски населеници во арапскиот сектор на Светиот Град.

Иринеј веќе се наоѓа под голем притисок од палестинските власти, од арапските припадници на неговото стадо, како и од постарите црковни достоинственици да се повлече, со оглед на обвинувањето за продажбата за кое израелски весник известуваше овој месец, а кое патријархот категорично го одрекуваше. Вчера, палестинскиот официјален претставник Исмат Сабри рече дека продажбата на палестинско земјиште на Израелци „се граничи со велепредавство“ и го повика Иринеј да се повлече.

„Мислам дека неговото инсистирање да остане на власт му го отежнува напорот да најде решение“, рече Сабри, после средбата со лидерот на левата коалиција Синасписмос, Алекос Алаванос во Атина – кој исто така побара оставка на патријархот. Но, Сабри нагласи дека не станува збор за тоа Патријаршијата да го изгуби нејзиниот грчки идентитет.

Иринеј вчера во Аман беше остро прекорен од Кралот Абадалах со кого имаше закажано средба. Наместо тоа, тој се сретна со Министерот за внатрешни работи, Самир Хабашнех, кој му даде 72 часа за да одговори написмено на обвиненијата за продажбата на земјиштето.

Осуммина од 17 епископи на Патријаршијата, и околу 30 архимандрити ја побараа оставката на Иринеј.

Се очекува тим од грчки дипломати, којшто минатата недела ја посети Патријаршијата во мисија за откривање на фактите, да даде извештај што ќе го осуди Иринеј.“

информација преземена од грчкиот дневен весник Катимерини:

http://www.ekathimerini.com/4dcgi/_w_articles_politics_100009_29/03/2005_54544