Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Иринеј изјавува дека нема да се повлече додека е жив (31.03.2005)

Во писмо објавено рано изутрина, Ерусалимскиот Патријарх Иринеј ја изнесе својата одлука да остане на престолот. Реагирајќи на вчера објавените наоди на експертите на Грчкото Министерство за надворешни работи, како и на интервенциите на Грчката Влада, кои во основа велат дека треба да си оди, Патријархот изјави дека останува на својата позиција доживотно:

 

„Како доживотен настојател на Братството на Светиот Гроб, и одговарајќи по должност пред институцијата на Патријаршијата, пред мојата Паства и пред Нацијата, се извинувам за каков било пропуст што бил направен без мое знаење или заради мојата простодушност. Да го држам грчкото знаме во Светата Земја, да го одржувам и да го зајакнувам мирот во моето Стадо е од витална важност. За тие идеали се борев овие 50 години во братството на Светиот Гроб и изјавувам дека ќе продолжам да се борам со сета моја сила ...“

 

Сепак, во своето писмо тој не ја спомнува Јорданската Влада и нејзиниот 72 часовен ултиматум, во кој се бара да даде писмен одговор на обвинувањата. Не ги спомнува ни палестинските власти, или писмото на нивниот премиер Ахмед Куори, кој побара Иринеј да даде објаснување во рок од 48 часа.

 

И десетмина Епископи, од кои шестмина членови на Светиот Синод побараа оставка од Патријархот.

 

На прес конференција во Атина, кога беше повикан да го презентира осудувачкиот извештај на грчките дипломати околу учеството на Патријаршијата во скандалот, портпаролот на Министерот за надворешни работи, Гиоргос Кумуцакос, изјави:

 

„Го повикуваме г. Иринеј да ја согледа критичноста на ситуацијата, да се покаже дораснат на околностите и да ја понесе својата историска одговорност“, и додаде дека иако Грција не сака да се меша во внатрешните работи на Патријаршијата, „не треба да се сфати дека поддржува луѓе или форми на однесување што се неприлични за угледот на Патријаршијата“.

 

Коментирајќи ја истрагата на грчкиот тим експерти во Ерусалим од 21 до 25 март, чија мисија беше да го испита скандалот, Кумуцакос го обвини Иринеј за несоработување. „Ни беше оневозможен пристап до односните документи,“ рече тој. Извештајот вели дека Иринеј „посочил на финансиските проблеми со кои се соочувала Патријаршијата... оставајќи впечаток дека не сака подробно да се дискутира за долгорочните закупи на Патријаршијата во Стариот Град на Ерусалим.“

 

Вредно е да се спомене дека Патријаршијата има огормен имот во Ерусалим, вклучувајќи големи области внатре во Стариот Град. Исто така држи видна позиција меѓу поголемите поклонички христијански светилишта. Притесната меѓу спротивставените цели на официјалната израелска држава и релативно малото арапско стадо, Патријаршијата отсекогаш мораше да биде многу флексибилна за да опстане.

 

проширена информација на следните линкови:

http://news.ert.gr/newsDetails.asp?ID=124149

http://www.ekathimerini.com/4dcgi/_w_articles_politics_100003_31/03/2005_54638

http://www.ekathimerini.com/4dcgi/_w_articles_columns_100004_31/03/2005_54632