Манастирот Бигорски: во слава на Христовото Воскресение (03.05.2005)
„О Пасха велика и свештена, Христе! О Премудрост и Слово Божјо, и сило! Ти Кој ни даде со Тебе да се причестуваме, во Невечерниот ден на Твоето Царство!“
„Свети и блескај, Нов Ерусалиме, славата Господова на тебе изгреа. Ликувај сега и весели се, Сионе. Ти, Пречиста радувај се Богородице, од воскресението на Твојот пород.“
Со сеноќно богослужење во манастирот на Свети Јован Крстител – Бигорски започна великото славење на Христовото Воскресение за значаен дел од стадото на воскреснатиот Господ во Македонија. На празничната полуноќница неизбројни верни од сите краишта на Републиката тргнаа да земат светлина од пасхалната свеќа на игуменот на монашкото братство и да ја поделат радоста на Воскресението со своите браќа во Христа притекнати во најчудесната ноќ по којзнае којпат да се соединат во неискажлива врска на членови на воскреснатото Тело Христово.
„Твоето благолепно снисходење славејќи го, Те воспевам Христе, Кој од Дева се роди и од Отецот остана неразлачен. Пострада како човек и волно претрпе крст, воскресна од гробот како од дворец излегувајќи за да го спасиш светот, Господи, слава Ти.“
Под крепката рака на архимандритот Партениј, свештеномонасите од Бигорскиот манастир богослужеа придружувани со две певници: од десната со пригласите на монасите од братството и гости-псалти, од левата одговараа монахињите од манастирот на Свети Георгиј, кои за ноќта на Христовото Воскресение дојдоа од Рајчица на бдение, со разбирлива надеж да влезат во радоста на својот Господ во непосредна близина на Старецот.
„Ти Кој Адам ’го плени’ и човекот го воскресна со Твоето Воскресение, Христе, вподоби нѐ со чисто срце да Те воспеваме и да Те славиме.“
На годинешново бдение за Воскресение најголем дел од гостите во Бигорски беа ревносните боготрагатели и поклоници, а во незначителен број и љубопитните шетачи и љубители на ретки доживувања.
„Го воспевам Твоето спасително страдање, Христе, и Твоето Воскресение.“
Заради разнобојната етничка структура на соседството во манастирите Бигорски и Рајчица, го пренесуваме нивниот воскресен поздрав на јазиците на поголемиот број луѓе што живеат во Република Македонија...
Христос воскресна! Krishti u ngjall! Hristos dirilldi!