Vesti i nastani
 
 
 
 
 

За Великиот пост (28.02.2023 18:28)

Светата Четириесетница е востановена во чест на спасителните страдања и Воскресението на Господ Исус Христос. Според Типикот на Православната Црква се пости на следниот начин: за цело време на постот во сабота и недела е дозволена употреба на масло. Во останатите денови од седмицата (од понеделник до петок) не се употребува масло. Риба се јаде само на Благовештение и Цветници. Ова е правилото за постот предвидено од Црквата, но секој верник може со својот духовен отец да се договори и за друг начин на пост согласно своите психофизички способности.

***

„Постот ја засилува молитвата. Постот е нејзиното крило кон небото. Постот е мајка на здравјето, воспитувач на младите, украс на старците. Тој им е сопатник на патниците и сигурност на оние што живеат заедно.

Мажот ни малку не се сомнева во сопружничката верност на својата жена кога ја гледа дека другарува со постот. Жената не страда од љубомора кога го гледа својот маж како пости.

Кој некогаш претрпел штета од постот? Направи пресметка за економската состојба на својата куќа за еден ден постење. А направи пресметка и за еден обичен ден. Така лесно ќе се увериш колку голема добивка имаш од постот.

Оној што пости нема потреба од позајмување. Ниту, пак, е принуден да плаќа камата. Постот станува причина човекот да се радува. Бидејќи тоа што жедта му го прави на слаткото питие и гладот на пријатната трпеза, така и постот ги прави јадењата вкусни.

Значи, ако сакаш трпезата да ти биде пријатна, прифати ја промената што ја донесува постот. Ако, пак, секогаш си опкружен со богати јадења, си нанесуваш неправда на самиот себе, бидејќи ја уништуваш пријатноста со неумерено уживање.

Не постои ништо што не станува досадно кога постојано се употребува. А напротив, често ги посакуваме оние јадења што ретко ги вкусуваме. Затоа и нашиот Создател ја измислил разноликоста во нашиот живот, за да ја почувствуваме пријатноста на сите Негови блага. Погледај што се случува во природата: зарем Сонцето не е посветло после ноќта? Зарем сонот не е посладок после бдеење? Зарем здравјето не е попосакувано после страдање од болест? Така и трпезата е попријатна после постот. И за богатите, кои имаат обилни јадења, и за сиромашните, кои имаат посиромашна храна.

Меѓутоа, не ограничувај ја добродетелта на постот само на исхраната. Вистинскиот пост не е само одрекување од различна храна, туку и одрекување од страстите и гревовите: на никому да не му сториш неправда. Да му простиш на ближниот за навредата што ти ја нанесол, за злото што ти го направил, за долгот што ти е должен. Во спротивен случај, не јадеш месо, но го јадеш братот свој. Не пиеш питие, но понижуваш друг човек.

Значи, ако сакаш вистински да постиш, треба да избегнуваш секаква страст.

Внимавај на уште една работа: утрешниот пост да не ти биде причина за безделничење денес. Не уништувај го утрешното воздржување со денешната распуштеност. Никој што сака да се ожени со законска и чиста жена не пушта во својата куќа лица со сомнителна моралност. Бидејќи чистата и чесна жена не прифаќа да живее заедно со изопачени и неморални личности.

Постот не влијае само на поединци. Тој влијае и на целата заедница. Бргу ги восогласува и смирува сите луѓе. Им наметнува тишина на неартикулираните гласови и викови, ги изгонува кавгите и расправиите, ги оддалечува од луѓето осудувањето и озборувањето.

Значи, ако оваа царица на добродетелите ни дарува такви добрини, да ја примиме без никакво муртење, без никакво роптање. Сите пламено да ја испочитуваме духовната трпеза што ни ја поставува постот, очистувајќи нѐ и подготвувајќи нѐ за божествена радост во рајот. Амин.“ (Свети Василиј Велики)