Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Опело и погребение на Митрополитот Тимотеј (28.11.2024 15:48)

Денеска народот Божји со голема тага поради привремената разделба и со силна надеж за повторно соединување во вечноста, се прости со од еден од своите црковни пастири, митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј. Неговото чесно тело беше погребано зад јужната апсида од олтарот на свештениот храм на Светите Климент Охридски и Пантелејмон Чудотворец на Плаошник, каде што ќе почива покрај нашиот голем рамноапостолен Светија. Погребението беше сведоштво за животот на човек кој својата епархија и Црквата ја облагороди со долгогодишна посветеност, градителство и пастирска грижа.

Чиноначалствувајќи со заупокоената архиерејска Литургија, како и со чинот на опелото во соборната црква на охридските архиепископи „Света Софија Охридска“,  нашиот почитуван Блаженејши Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан ги истакна големите заслуги на покојниот архиереј. Тој го пофали неговото неуморно дело на обнова на древните светињи и градење нови храмови, како и неговото архипастирско водство, под чиј благослов беа возобновени манастирите како Бигорскиот, Пречиста, Рајчица, Свети Наум и други во нивната изворна духовна убавина и значење.

„Работевте неуморно, а Вашето дело останува сведоштво на љубовта кон Црквата Христова“, истакна Архиепископот Стефан. „Бевте светлина меѓу доверениот ви народ, бевте светлина на врв планина, светлина која не може да се сокрие, па по Свети Климента, благодарение и на Вас Плаошник повторно свети. И не случајно телесно засекогаш ќе се населите на Плаошник покрај Свети Климента за и од таму да продолжите да помагате да се доистражи недоистраженото, да се дообнови недообновеното“.

На чесното погребение присуствуваа членовите на Светиот Архиерејски Синод, како и архиереи од православните цркви на соседните земји Бугарија и Србија.

Градот Охрид, со своите знамиња спуштени на половина копје, на достоен начин го испрати својот митрополит, а верниците, свештениците и црковните великодостојници го величаа неговото дело. Погребението на Митрополитот Тимотеј е потсетување на неговиот непоколеблив труд за духовното возобновување на Охридската Архиепископија и за единството на православниот народ, труд што ќе продолжи да свети како светлина меѓу народот кој го љубеше и служеше до последниот здив.

Вечен му спомен!

 

 

Извор: Бигорски манастир